„Адидас“ претстави специјални патики посветени на сплитска „Југопластика“

„Адидас“ претстави специјални патики посветени на сплитска „Југопластика“

пред 4 години

Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ претстави специјални патики во боите на сплитска „Југопластика“, во знак на сеќавање и почит кон кошаркарскиот клуб што на крајот на 80-те и почетокот на 90-те трипати по ред беше шампион на Европа.

Патиките, варијанта на легендарниот кошаркарски модел на „Адидас“ од 80-те, „Форум“, се во боите на клубот од поранешна Југославија, а произведени се само 150 пара, кои ќе одат заедно со спортски торби и шишиња за вода со ознаките на клубот.

 

Патиките, кои за некои екс-Ју кошаркарски фанови би биле вистинско богатство, нема да се најдат во слободна продажба, туку ќе бидат доделени на среќните добитници на хуманитарна лотарија што ја организираат „Адидас“ и ланецот продавници за спортска опрема „БСТН“.

Специјалните ретро-патики се и своевидна посвета и израз на благодарност од германската компанија за некогашниот партнер – фабриката „Југопластика“ од Сплит, своевремено главен спонзор на кошаркарскиот клуб, која произведувала 4.5 милиони спортски торби годишно за „Адидас“ во 80-те.

КК „Југопластика“, подоцна под името „Поп 84“, беше апсолутно доминантна сила во европската клупска кошарка пред 30-на години, а во клубот, од кој потекнаа хрватските кошаркарски легенди Тони Кукоч и Дино Раѓа, во шампионските денови играше и поранешниот македонски кошаркар Петар Наумовски.

Share
Scroll to Top