Со безвременските македонски евргрини пред споменикот Македониум во Крушево, синоќа беше отворена манифестацијата „Крушево град на културата 2023“, која ја собра македонската естрада.
Елена Ристеска, Дарко Панковски, Кристина Арнаудова, Пере Нокаут и Димитар Андоновски ги забавуваа крушевчани со песните кои будат убави спомени.
И млади и стари уживаа и на глас ги пееа безвременските евергрини. На сцената пејачите беа придружувани од Битолскиот камерен оркестар и диригентот Владимир Димовски.
Концертот на евергрини на Камерниот оркестар од Битола беше насловен „Безвременска хармонија”, со кој се означи почеток на манифестацијата со која Крушево следните месеци ќе биде домаќин на голем број културни и музички настани.
„Уникатно искуство. Концерт пред Македониумот, симболот на Македонија и Крушево. ,,Моја гитара,, од Гиш во моја изведба, заедно со Битолскиот Камерен оркестар. Како ви се допаѓа?“, напиша Арнаудова.
„Кратко на сцена, ама слатко. Благодарам Општина Крушево за поканата да бидам дел од овој настан вечерва. Благодарам на Владимир Димовски и Битолскиот камерен оркестар за прекрасната музичка придружба на сцената. Крушевчани се гледаме повторно, ве гушкам и сакам“, напиша Елена Ристеска.
Оваа година Крушево одбележува 120 години од Илинденското востание, а градот ќе биде домаќин на манифестацијата „Крушево град на културата 2023“. Освен што Крушево е дестинација за спортски и авантуристички туризам, ќе биде и културен град каде ќе се одржат многубројни настани, претстави, концерти и изложби.
Манифестацијата „Град на културата 2023“, годинава ќе се одвива под мотото „Крушево – жив споменик на културата“.