Подготовката на новата Стратегија за енергетика, спроведувањето на Стратегијата за рударство и подобрувањето на законската рамка беа главните теми на работната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата беше нагласено дека соработката меѓу институциите и бизнис-заедницата е важна за стратешките документи да се преточат во применливи решенија и услови за одржлив економски развој.
Азески ја потврди поддршката на Стопанската комора и стопанството за имплементацијата на Стратегијата за рударство. Во разговорите беше истакната потребата од координирано спроведување на стратешките определби и долгорочен развој на секторот.
Комората изрази подготвеност да се вклучи и во подготовката на новата Стратегија за енергетика, во соработка со меѓународните партнерски организации. Соговорниците посочија дека документот треба да ги земе предвид технолошките промени, новите енергетски трендови и актуелните потреби на компаниите, за енергетскиот систем да го поддржува растот на економијата.
Дел од средбата беше посветен и на автомобилскиот сектор, намалувањето на емисиите од сообраќајот и развојот на електричната мобилност.
Божиновска посочи дека просечната старост на возилата во државата е околу 20 години, додека бројот на електрични возила и инфраструктурата за нивна поддршка остануваат ограничени. Во тој контекст се разговараше за постепено усогласување со современите европски стандарди за емисии и за создавање подобри услови за користење електрични возила.
Министерката и претседателот на Комората ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката и при унапредувањето на регулативата за јавно-приватно партнерство и концесии. Притоа беше нагласено значењето на искуството на компаниите во подготовката на функционални и применливи законски решенија.
Соработката меѓу Министерството и Стопанската комора ќе биде насочена кон спроведување на стратешките документи, подобрување на законската рамка и поврзување на развојните политики со потребите на стопанството.






