Некогашниот омилен холивудски пар Бред Пит и Анџелина Џоли постигнаа договор што отвора врата за Џоли да го продаде својот удел во винаријата вредна 164 милиони долари, но некои медиуми предупредуваат дека неодамнешна тужба на Пит става пречки на патот.
Џоли и Пит се согласуваат со одлуката за укинување на „стандардната привремена мерка забрана за пристап“ на нивниот заеднички имот, која беше донесена во текот на бракоразводната постапка.
Ова му овозможува на поранешниот пар да продава имот стекнат во периодот на нивниот двегодишен брак, што навидум ја отвора вратата за Џоли да ги продаде своите 50% од акциите на замокот-винарница Шато Миравал во јужна Франција.
Но, претходно оваа недела Бред поднесе тужба со која ја обвини Џоли за „одмазднички план“ да ги продаде нејзините акции, заобиколувајќи го неговото право на прво одбивање и да профитира од „макотрпната работа, време и пари“ инвестирани од страна на актерот и неговите бизнис-партнери, според ексклузивните правни документи до кои дојде „Дејли мејл“. Замокот Миравал е проценет на 164 милиони долари (140 милиони евра).