Рекламата која австралиските власти ја пуштија во јавноста со која сакаат да ги поттикнат луѓето да се вакцинираат против коронавирус предизвика бурни реакции.
Во рекламата се гледа млада жена како се бори за воздух и тоа е нешто што предизвика големи полемики во јавноста и критики до властите дека се обидуваат да ги заплашат луѓето и така да ги натераат да се вакцинираат. Многумина сметаат дека истата може да има контраефект.
За разлика од другите земји, кои вакцинирањето се обидуваа да го претстават како нешто што е сосема нормално, сè со цел да се врати ситуацијата како што била претходно, во Австралија, властите се одлучиле со тактика на заплашување, пишуваат светските медиуми.
Во новата реклама властите во Австралија се обидуваат да укажат на важноста на вакцинирањето против Ковид-19. Тие велат дека со рекламата сакале да им укажат на луѓето за сериозноста на ситуацијата со коронавирусот, особено во градот Сиднеј.
На тој начин тие сакаат да ги поттикнат сите да се вакцинираат. Едно од главните медицински лица во Австралија, Пол Кели, за новинарите рече дека властите сакале со рекламата да ги исплашат повеќето луѓе, особено оние во Сиднеј кои не се вакцинирани.
„Тие сакаат луѓето да разберат колку ситуацијата е сериозна“, вели тој.
„Ковидот може да погоди секого. Останете дома. Тестирајте се. Закажете вакцинација“, пишувало на текстот под рекламата.
„Ова го правиме поради ситуацијата во Сиднеј и рекламата ќе биде емитувана само во Сиднеј“, изјавил Кели, кој додаде дека пораката била јасна.
Австралиските власти велат дека објавиле уште една реклама, која не е толку застрашувачка како претходната, а на која се гледа како луѓето парадираат со фластери кои ги добиле по вакцинацијата. Тие парадирале со порака „Вооружете се против Ковид-19“.
Експертите во Австралија предупредија дека рекламата ги плаши луѓето и дека може да биде контрапродуктивна.
„Со рекламата се игра на тактиката на заплашување и предизвикување страв кај луѓето“, рече за „Гардијан“ доктор Џесика Кофман, истражувач од детски истражувачки центар во Австралија.
Таа вели дека рекламата може дополнително да предизвика колебање кај луѓето кои не се вакцинирале и недоверба во властите, особено поради тоа што за рекламата режисерот се одлучил за актерка, па многу од луѓето можат да ја доживеат вакцината како манипулативна.
„Гледавме дека заплашувањето, кога станува збор за вакцинирањето, може да има спротивен ефект кај луѓето и да предизвика уште поголем страв од последиците од вакцината“, рече таа.
Кофман навела и дека рекламата е погрешна, затоа што таргетира млади луѓе кои сè уште не се на ред за да ја добијат вакцината.
„Таргетираат млади луѓе, заота што мислат дека младите се тие кои ги кршат правилата во Сиднеј. Но, преку рекламата се дава порака младите да останат дома и да закажат вакцинација за која многумина од луѓето не стигнале ниту на ред да ја примат, затоа што нема доволно вакцини“, додала таа.
Короната повторно ја разбранува Австралија и покрај мерките што ги преземаа властите со затворањето и локдаунот, вакцинацијата и другите активности. Вирусот предизвика голема загриженост кај властите и јавноста. Експертите потсетуваат дека вакцината, користењето маска и држењето растојание е единственото оружје во борбата против Ковид-19.