Големата победа на репрезентацијата на Македонија против Германија доби анимирана верзија. Видеото го направија момците од Just Cartoons и ги доловија најинтересните моменти од натпреварот во Дуизбург. Тие редовно прават анимирани верзии од светот на фудбалот.
Тие се пошегуваа со главниот судија на натпреварот, Русинот, Сергеј Карасев, со германскиот фудбалер Емре Џан, но и со најголемиот трагичар на натпреварот Тимо Вернер, кого македонските фудбалери го носат на раце на крајот на клипот.
Во последниот дел од видеото се гледа како Пандев го вози популарното „фиќо“ со кое репрезентацијата на Македонија го размонтира германскиот тенк среде Дуизбург.