Иако Џек и Роуз, главните ликови во „Титаник“ се измислени, многу од ликовите што се појавуваат во филмот на Џејмс Камерон се инспирирани од вистински личности кои навистина биле присутни на бродот што потона 1912 година. Сите тие ја надополнуваат трагичната љубовна приказна што ја раскажаа Кејт Винслет и Леонардо ди Каприо во хит филмот од 1997 година.
Тонењето на Титаник е една од најпознатите трагедии во историјата на човештвото. На првото и последно патување на бродот, имало 2.200 патници, а само 700 од нив преживеаја. Во свое време Титаник бил најголемиот, а за многумина и најбезбедниот брод направен дотогаш. Поради тврдењето дека е брод што никогаш нема да потоне, на него имало 20 чамци за спасување, што било доволно за третина од патниците.
Во продолжение се вистинските ликови од филмот и нивните приказни.
Во реалноста, Маргарет Браун им помогнала на многумина да стигнат навреме до чамците за спасување, а по трагедијата почнала да собира пари за да им помогне на преживеаните.
И стариот пар во филмот е инспириран од вистински ликови. Ајда и Исидор биле брачен пар и навистина останале на бродот за да умрат заедно.
62-годишниот Едвард Смит бил капетанот на бродот и зад себе имал 40-годишно искуство. Исто како во филмот, тој загинал на бродот и во реалноста.
Вилијам Мурдок го дал најдоброто од себе за да го избегне судирот со сантата мраз, но во филмот е прикажан во лошо светло.
Чарлс Лајтолер ја преживеал катастрофата, а подоцна почнал да се фокусира на зголемување на безбедноста на патничките бродови.
Арчибалд Грејси им помогнал на многу патници да стигнат до чамците, а откако ја преживеал трагедијата, напишал и книга за неговите искуства.
Волас Хартли, кој бил дел од бродскиот оркестар, исто како во филмот, навистина свирел до последниот момент. Ниту тој, ниту другите музичари од оркестарот не преживеале.
Ноел Лесли била патник од прва класа и се спасила со еден од чамците, а им помогнала и на патниците од третата класа.
Томас Ендрус е креаторот на Титаник и кога сфатил дека неговиот брод нема да се спаси, им помогнал на патниците, а потоа останал да умре.
Иако во филмот Џозеф Брус Исмај е претставен како лош човек, во реалноста спасил многу патници, а се спасил и самиот. Но, бидејќи тој одлучил да се намали бројот на чамци за спасување, неговата репутација била уништена засекогаш.
Маделин Форс била бремена за време на патувањето, а нејзиниот сопруг се потрудил да стигне до чамците за спасување. Таа се породила неколку месеци по катастрофата.
Џон Филипс бил радио операторот на бродот. Тој продолжил да бара помош преку радиостаницата до последен момент и, за жал, не преживеал.
Харол Брајд му бил колега на Џон Филипс и, за разлика од него, се спасил. По трагедијата, неговите сведоштва биле од огромна важност.
Џон Џејкоб Астор бил еден од најбогатите луѓе во светот во тој период, но не ја преживеал катастрофата.
Фредерик Флит бил одговорен за надгледување на океанот, но подоцна изјавил дека за таа работа не му дале ни двоглед. Што значи, било речиси невозможно да ја забележи сантата мраз.
Луси Даф-Гордон била модна дизајнерка и се спасила, заедно со сопругот, качувајќи се на првиот чамец за спасување.
Космо Даф-Гордон е сопругот на Луси, за кого има гласини дека го поткупил екипажот за да се качи на чамец пред жените и децата.
Главниот офицер на бродот, Хенри Вајлд, зад себе имал блескава кариера, но не го преживеал тонењето на бродот.
Бенџамин Гугенхајм не го преживеал тонењето, а според некои сведоци, останал на палубата за да го слуша оркестарот.