Споменкот на Папата Јован Павле Втори во Полска, е испрскан со црвена и жолта боја. Споменикот беше поставен утрово на 18 годишнината од неговата смрт.
Пораката „maxima culpa“ која беше испратена со фарбата, укажува на тоа дека покојниот папа знаел за случаите со педофилија меѓу свештениците во Полска и дека помогнал да се сокријат виновниците и да се прикрие аферата.
Рацете на споменикот биле испрскани со црвена боја, бојата на крвта, а лицето му било офарбано со жолта. Пораката на пиедесталот упатува на насловот на книгата на Ека Овербек, Maxima Culpa, во која се тврди дека Јован Павле Втори морал да знае за случаите на педофилија во Католичката црква.
Верниците денеска минуваа низ Лоѓ, Варшава, Гдањск и десетици други градови во Полска и маршираа во одбрана на нивниот папа, на покана на бискупот на полската католичка црква и владејачката партија„ Право и Правда“.
Организираа бденија, молитви и миси за благодарност за неговиот понтификат кога 16 долги години бил на чело на Римокатоличката црква.
„Многу од нас имаат причина да му бидат благодарни на свети Јован Павле Втори, поединечно или како општество. Не постои начин да се оцени добрината и хуманоста што тој ги врежал во срцата на милиони луѓе ширум светот“, рече портпарол на бискупската конференција Лешек Генсак по повод маршевите.
Организаторите на маршевите за Јован Павле Втори тврдат дека немаат никаква врска со документарниот филм, во кој се говори за три случаи на сексуална злоупотреба и педофилија од страна на свештеници на полската католичка црква.
Според документите пронајдени во Институтот за народна меморија, Краковскиот митрополит кардинал Војтила, подоцнежниот папа, не само што знаел, туку и помогнал да се прикрие работата затоа што ја штител црквата, а не жртвите.
Документарецот го емитуваше независната полска приватна телевизија ТВН24 на 6 март и го видоа милиони Полјаци, по што предизвика бура од критики од властите и црквата.
Филмот го етикетираше папата дека прикривал и криел педофили во наметки, додека властите и црквата истиот го сметаа за напад на сè што е полско и заговор против полското општество и црквата, што може да и служи само на Русија.