Д-р Мина Маринковиќ: И во Македонија е тренд родители да им подаруваат ботокс и филери на тинејџери

Д-р Мина Маринковиќ: И во Македонија е тренд родители да им подаруваат ботокс и филери на тинејџери

пред 2 години

Трендот големи усни кои најчесто ги гледаме кај познатите инфлуенсерки, пејачки, водителки на социјалните мрежи е тренд со кој се пркоси на староста, но и тренд за поубав изглед. Тенка е границата помеѓу убави големи усни и невкусно големи.

Трендот на естетска медицина во денешницата е составен дел од животот. Природното стареење на кожата, често се забавува или коригира, па така жените и мажите се одлучуваат недостатокот да го коригираат со тремани со филери, ботокс, мезотерапија, ПРП-третман, односно плазма збогатена со тромбоцити, па сè до најразлични видови ласерски процедури.

На оваа тема разговаравме до д-р Мина Маринковиќ по естетска медицина во „Промедика медикал центар“ која вели дека крајната цел и желба на пациентите е враќање на биолошкиот часовник неколку години наназад кај повозрасните пациенти, додека кај помладите е за поубав изглед на лицето. Возраста на пациентите кои се одлучуваат за естетска медицина е најразлична од 18-тата  па  до 60-тата година.

„Долната граница на возраст во последниот период е доста спуштена, па дури имаме пациенти под 18-тата година кои бараат естетски интервенции“, рече д-р Мина Маринковиќ за „Репортер“.

Поголем процент се жени кои се корисници на естетски интервенции, но во последно време, како што раскажува д-р Маринковиќ, во светот, но и кај нас се мажите.

Со менување на модата низ децениите се менувале и трендовите, денес ја живееме ерата на поголемите усти.

„Со напредокот на медицината добиваме продукти со кои се постигнува поголема трајност и безбедност за пациентите.  Како и бројни процедури со кои се постигнуваат и други ефекти освен менувањето на формата и волуменот на устата, а со самото тоа и интересот е драстично поголем“, раскажува д-р Маринковиќ и додава дека најбараната промена е зголемувањето на усни со хијалуронски филер.

„Нереалните барања повеќе се однесуваат на барања за претерано зголемени усни и тие не се нереални туку невкусни. Моето мото и мотото на Промедика медикал центар е ‘помалку значи повеќе’“, раскажува Мина за „Репортер“.

Од неодамна се појави и еден интересен тренд во соседството, родителите им подаруваа ваучери за ботокс и филери на матурантките, ваквиот тренд е присутен и кај нас, потврди д-р Мина.

„И ние го имаме тој тренд, не заостануваме зад соседите на оваа тема. Долната граница на години е доста спуштена, па веќе од 16-тата година почнуваат да бараат од родителите дозвола за одредени промени кај нив. Не само млади девојки, туку и млади момчиња бараат промени и корекции. Мислам дека младоста како младост има своја посебна убавина и младите девојки и момчиња треба да знаат да уживаат и да ја носат таа убавина, секако ако тоа не е од некакви здравствени причини. Со текот на времето и стареењето ќе дојде момент за промени и корекции“, вели д-р Мина Маринковиќ, доктор по естетска медицина.

Социјалните мрежи премногу влијаат на жените  да посакаат да го променат изгледот, посебно кај младите генерации.

„Поточно оние ранливи категории на млади кои се во периодот од животот каде уште немаат изградено доволно самодоверба за гордо да го носат она што им е природно дадено. Меѓутоа, го забораваат моментот дека повеќето фотографии од социјалните мрежи не се реални со оглед на сите фотошоп и апликации кои се достапни. Тука родителите треба да ја одиграат својата улога, да бидат поддршка, постојано да зборуваат со нив и на некој начин да бидат темел на нивната самодоверба за нивниот природен изглед“, советува д-р Мина.

Ботоксот и филерите спаѓаат во категоријата естетски интервенции и постои разлика помеѓу нив во начинот на нивното влијание врз кожата.

„Филерот е всушност хијалуронска киселина, која нашето тело и природно ја има, и освен менувањето на формата и волуменот хијалуронот придонесува за подобра хидратација, свежина и сјај на кожата и ткивото со самото тоа привлекува вода. За разлика од нив, ботоксот е невротоксин којшто ја одзема функционалноста на мускулот, го спречува неговото движење и со тоа се спречува придвижувањето на кожата во тој дел и создавањето на брчките“, објасни д-р Маринковиќ.

Нема соодветна возраст кога може да се почне со употреба на естетски интервенции, но според д-р Мина препорачливо е тоа да биде над 18-тата година, но тоа зависи и од типот на процедурата. Но доколку некој пациент се одлучи на ваков чекор и пред полнолетството во тој случај пациентот треба да биде во присуство на својот родител/старател.

Понекогаш кај јавните личности се забележува претеран ботоксот и филерите, големи и несоодветни усни, истакнати јаболчници, но д-р Мина вели дека тоа е прашање на вкус и лична перцепција.

„За мене тоа што е можеби несоодветно, некој друг го доживува како убаво. Ние сме тука да ги советуваме пациентите како мислиме дека би било најдобро и што и во кои граници ние би прифатиле да сработиме од тоа што тие го бараат. Секако дека секоја промена која ја изобличува природната форма или ги нарушува пропорциите на лицето не е соодветна“, советува д-р Маринковиќ.

Освен интервенциите за поубав изглед, чести се и барањата за интервенции поради здравствени причини. Таков е ПРП-третманот, плазма збогатена со тромбоцити кој се употребува и за третирање на кожа со лузни од акни, акни во активен процес и за спречување на опаѓање на косата и подобрување на нејзината густината.

Д-р Мина Маринковиќ советува дека  естетската медицина е многу повеќе од апликација на филер во усни и ботокс, како што ја доживуваат многу луѓе, посебно повозрасните генерации и имаат негативен став по ова прашање. Постои цела палета на третмани за грижа на квалитетот и одржување на здрава кожа, не само на лицето туку и целото тело и еден целокупно поубав изглед, и мислам дека сите би требало и можат да практикуваат дел од нив.

Габриела Додевска

 

Share
Scroll to Top