Д Фестивал започна во Штип – илјадници посетители, над 100 артисти и бесплатен влез до недела

Д Фестивал започна во Штип – илјадници посетители, над 100 артисти и бесплатен влез до недела

пред 5 часа

Во Штип вчера официјално започна 16-тото издание на Д Фестивал, најголемиот македонски опен-ер музички фестивал, кој од 26 до 28 јуни ќе понуди богата музичка, културна и забавна програма за посетителите од Македонија и регионот.

Фестивалските порти беа отворени вчера напладне, а годинава организаторите од „Пасворд Продакшн“ донесоа одлука целата програма да биде со слободен влез за сите посетители.

Во текот на трите фестивалски дена ќе се реализираат повеќе од 80 концерти на пет сцени, со настап на над 100 домашни, регионални и светски артисти, додека Штип повторно е домаќин на илјадници љубители на музиката.

„Сметаме дека во време кога културата се соочува со сериозни предизвици, важно е да направиме сè што можеме за да ја доближиме до луѓето. Ги отвораме вратите на Д Фестивал и овозможуваме тој да биде достапен за што повеќе луѓе, бидејќи веруваме дека токму културата и уметноста треба да бидат просторот што нè обединува“, изјави Огнен Стојаноски од организацискиот тим на „Пасворд Продакшн“.

Првата фестивалска вечер донесе силна хип-хоп програма предводена од американската легенда DJ Premier, како и настапи на Smoke Mardeljano, Fat Filly, Страјк, Гоце САФ и македонскиот бенд Дупер!

Во продолжение на фестивалот, публиката ќе има можност да ужива во настапите на некои од најголемите музички имиња. На програмата се светски познатите Борис Брејча, британскиот рок-бенд IDLES, германските металци Destruction, мексиканската атракција Son Rompe Pera, како и регионалните легенди Бајага и Инструктори, Јура Стублиќ и група Филм, KOIKOI, Марко Настиќ, Лелее, но и бројни македонски изведувачи како Пич Вајз, Флудер, Фикшн, Телемама, Конспираси, Хајка, Кем и многу други.

Освен богатата музичка програма, Д Фестивал и оваа година нуди разновидни културни, спортски и едукативни содржини во препознатливата ПлоштАрт зона. Во соработка со повеќе од 20 организации од Штип и околината, посетителите можат да учествуваат во работилници, спортски активности, јога, шах, аеробик, оригами, карате, џиу-џицу, презентации на невладини организации и многу други настани.

По неколку години пауза, повторно е отворен и Д Кампот, каде посетителите можат да престојуваат за време на фестивалот. Кампинг-местата се достапни по цена од 600 денари и се во ограничен број.

Организаторите ги повикуваат сите љубители на добрата музика и фестивалската атмосфера да бидат дел од Д Фестивал, кој продолжува и денес, а ќе трае до недела, 28 јуни.

Целосната програма по денови е достапна на официјалната интернет-страница dfestival.mk.

Share
Scroll to Top