Ким Кардашијан завршила во болница поради воспаление на хранопроводот: Дијагнозата ја потсетила на смртта на нејзиниот татко

Ким Кардашијан завршила во болница поради воспаление на хранопроводот: Дијагнозата ја потсетила на смртта на нејзиниот татко

пред 5 часа

Ким Кардашијан откри дека била хоспитализирана поради езофагитис – воспаление на хранопроводот, здравствен проблем кој кај неа предизвикал дополнителен страв поради семејната историја.

Ријалити-ѕвездата зборува за својата здравствена состојба во новиот трејлер за претстојната сезона на серијата „The Kardashians“ на „Хулу“.

„Имам нешто што се нарекува езофагитис“, вели 45-годишната Кардашијан во видеото.

Еден од продуцентите потоа ја прашува дали станува збор за заболување поврзано со болеста од која починал нејзиниот татко, адвокатот Роберт Кардашијан. Нејзината мајка Крис Џенер емотивно реагира на разговорот.

„Од тоа ми доаѓа да заплачам“, вели Крис.

Роберт Кардашијан почина во 2003 година, на 59-годишна возраст, од рак на хранопроводот. Сепак, езофагитисот со кој се соочила Ким не е исто што и рак – станува збор за воспаление и иритација на хранопроводот.

Според медицинските објаснувања, доколку воспалението не се лекува, во одредени случаи може да доведе до состојба позната како Баретов хранопровод. Таа состојба е поврзана со зголемен ризик од развој на рак на хранопроводот, но не значи дека секој пациент со езофагитис ќе развие малигно заболување.

По смртта на Роберт, семејството Кардашијан со години работи на подигнување на свеста за ракот на хранопроводот. Во 2019 година помогна во отворањето на Центарот за здравје на хранопроводот „Роберт Г. Кардашијан“ при Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес.

На одбележувањето на петгодишнината од центарот во 2024 година, Ким изјави дека таму упатила повеќе свои пријатели и дека медицинската помош што ја добиле им го спасила животот.

За значењето на центарот зборуваше и во една епизода на „The Kardashians“ од 2025 година.

„Постојат неколку работи во животот поради кои татко ми навистина би бил горд на нас, а ова дефинитивно е една од нив. Не можевме да го спасиме неговиот живот со оваа технологија и со пристапот до овие лекари, но сега можеме да помогнеме да се спасат животите на други луѓе“, рече тогаш Кардашијан.

Во објавениот трејлер не се соопштуваат повеќе детали за лекувањето на Ким, ниту за нејзината моментална здравствена состојба. Повеќе информации се очекуваат во новата сезона на семејното реално шоу.

Share
Scroll to Top