Британската кралица Елизабета втора година по ред ја откажа роденденската забава заради пандемијата. Таа во април ќе наполни 95 години, но и овојпат нема да се одржи традиционалната парада во нејзина чест. Парадата за роденденот на кралицата на улиците ја следеа илјадници Британци и туристи.
Според Бакингамската палата, можно е кралицата да има мала прослава со семејството во замокот Виндзор.
„По консултациите со Владата и неколку релевантни организации, решивме официјалната роденденска парада на кралицата, што се одржува во централниот дел на Лондон, да ја откажеме и оваа година. Размислуваме да имаме помала парада во дворот на замокот Виндзор, каде што би дошло и семејството на кралицата, но тоа ќе го знаеме до крајот на месецот, зависно од здравствената ситуација во земјата“, стои во соопштението од палатата.
По парадата за кралицата, секоја година се одржуваше и церемонија во катедралата Сент Џорџ, но и таа е откажана.
Сепак, од палатата велат дека ако се подобри епидемиолошката слика во земјата, парадата во чест на роденденот на кралицата може да се одржи на 12 јуни.