Денеска на официјалниот фејсбук профил на „Евровизија Македонија“ беа објавени се шестте селектирани песни кои ќе влезат во потесниот круг на натпреварот на Националниот избор за песна и претставник на Евровизија 2022 кој ќе се одржи во Торино, Италија. Меѓу нив има многу познати имиња, како Лара Иванова и Виктор Апостоловски.
Сите композиции се современи авторски дела, кои ги исполнија очекуваните критериуми за учество и претставување на МРТ и земјата на најпрестижната европска музичка манифестација – Евросонг.
Калина Велковска – Кали ќе се натпреварува со песната „Love and Light“, чиј текст е на Весна Малинова, а музиката е на Давор Јордановски, кој учествуваше и во аранмжанот заедно со Никола Васков – Нино и Петар Луќиќ.
Јон Ајдини (Yon Idy) ќе се натпреварува со песната „Dreams“. Текстот и музиката се негови, додека аранжманот го направи со Ангел Ќосев.
Лара Иванова ќе се натпреварува со песната „Flower of Sorrow”, чиј текст е на Робин Зимбаков. Музиката е на Роберт Билбилов, кој учествуваше и во аранжманот со Дарко Димитров.
Виктор Апостоловски ќе настапи со песната „Superman“. Текстот е негов и на Владимир Дојчиновски, кој беше задолжен за музиката и аранжманот.
Андреа Коевска (Andrea) ќе настапи со песната „Circles“. Текстот е нејзин и на Александар Масевски, кој се јавува во улога на композитор и аранжер.
Борис Цветаноски (Ris Flower) ќе настапи со песната „Flying to Berlin“, кој се јавува во улога и на текстописец и на композитор. Аранжманот е на Мустафа Џанбазлар
Согласно Правилникот, за избраните шест композиции, МРТ ќе изработи видеа со текст кои ќе бидат поставени на онлајн платформа за гласање на јавноста.
Песни ќе бидат јавно презентирани на 28.01.2022 (петок) во емисијата Стисни Плеј на МТВ, со почеток од 22 часот, кога и официјално ќе започне онлајн гласањето. Таа ќе биде отворена 7 дена, и ќе заврши на 04.02.2022 година.
Победникот ќе биде избран по пат на онлајн гласање, како и според гласањето на меѓународното стручно жири во сооднос 50%:50%.