Mилијардерот Рон Буркл, поранешен семеен пријател на Мајкл Џексон, го купи неговиот имот „Неверленд“, 11 години по смртта на кралот на поп-музиката. Имотот е продаден за 22 милиони долари. Милијардерот се интересирал за имотот на Џексон и во време кога тој не беше за продажба.
„Неверленд“ се наоѓа во Лос Оливос, Калифорнија, а во него покојниот Џексон живееше од 1987 година, кога беше на врвот на славата, сè до неговата смрт во јуни 2009 година. Имотот зафаќа 1.100 хектари.
Во ’90-тите години, обвинителите на округот Санта Барбара го затворија ранчот како дел од истрагата за обвинувањата за сексуално злоставување малолетници. Тогаш тие го опишаа имотот како свет на фантазијата што Џексон го изградил за да ги намами жртвите. Мајкл беше ослободен од овие обвинувања, но подоцна не сакаше да живее таму.
Имотот имал забавен парк и зоолошка градина, во која биле сместени орангутани и слон по име Џипси, кој Џексон ѝ го подарил на неговата пријателка, глумицата Елизабет Тејлор. Имотот вклучува и простор за забава на отворено покрај базен, куќичка до базенот и тениско игралиште. На имотот има три посебни куќи за гости, кино со над 500 квадратни метри со сцена, штали и сите придружни простории за сместување и згрижување животни.