Битолскиот бенд „Фолтин“ со концерт на Хераклеја одбележа 25 години постоење. Тие свиреа под отворено небо и пред неколку илјадна публика, на истото место каде што пред четврт век почна нивната музичка приказна.
Концертот на „Фолтин“ беше музичко патување низ годините, а публиката уживаше и во нивните најголеми хитови, но и во песните од последниот албум „Симултан бакнеж“. Пред расположената публика не ги криеја емоциите. Пееја како да настапуваат првпат, со ентузијазам и позитивна енергија, која ја пренесоа и на гостите.
„Човек е роден да памети. Роден со дарба за сеќавање. А добрите спомени го вадат најдоброто од нас. Ги чуваме за да нé крепат подоцна, да нé потсетат на тоа што ни недостасува, на тоа што веќе го нема, а ние не можеме без него. Затоа, добрите спомени се слават. А ние заедно го прославивме сеќавањето на нашиот прв самостоен концерт со авторска музика, што се одржа на 16 август 1996 година, во Хераклеја“, рекоа „Фолтин“ на концертот.
Публиката ги испрати со аплауз и овации и коментар дека што поскоро сакаат да го доживеат истото чувство пак.
„Вечерва можеме да заклучиме само едно – четврт век е кратко за еден живот, но долго за музички бенд и неговата верна публика“, додадоа „Фолтин“.