Со поставување камен-темелник денеска започна изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, која треба да ги поврзе автопатите Гостивар – Букојчани и Кичево – Охрид. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ја оцени делницата како клучен чекор кон непрекинато автопатско поврзување на Скопје со Охрид и заокружување на западниот дел од Коридорот 8.
Според Николоски, ова е шестиот автопатски проект чија изградба ја започнува актуелната Влада. Тој нагласи дека значењето на новата делница, долга околу 12 километри, се огледа во нејзината улога да ги спои останатите автопатски правци во една функционална целина.
„Овие 12 километри се исклучително важни и треба да дадат смисла и целина на целокупното автопатско поврзување, не само од Скопје до Охрид, туку и на целиот Коридор 8“, рече Николоски.
Градежните активности започнуваат на местото каде што завршува трасата на автопатот Охрид – Кичево, од каде новото автопатско решение ќе продолжи кон Букојчани. Министерот посочи дека истовремено интензивно се работи и на делницата Букојчани – Гостивар.
Со реализацијата на овие проекти треба да се обезбеди поврзан автопатски правец преку Тетово, Гостивар и Кичево кон Охрид и Струга.
Николоски предупреди дека изградбата ќе се одвива на сложен планински терен, кој бара значително инженерско знаење, искуство и координација меѓу изведувачите, надзорот и техничката поддршка. Сепак, изрази уверување дека проектот ќе биде завршен во предвидениот рок од четири години.
„Се работи за терен којшто е планински, којшто е исклучително тежок, терен којшто бара многу знаење, многу искуство“, истакна тој, додавајќи дека очекува избраните изведувачи успешно да ја реализираат задачата.
Предвидено е автопатот да има две сообраќајни ленти во секоја насока, со ширина од по 3,5 метри, како и ленти за застанување од по 2,75 метри. Николоски најави целосна институционална поддршка од Владата, Министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта.
Министерот го поврза почетокот на изградбата со развојната визија поставена при формирањето на Владата во 2024 година — Македонија да ја искористи географската положба како крстосница на Коридорот 8 и Коридорот 10.
Тој нагласи дека, иако државата нема излез на море, вложувањата во автопатите и железницата можат да ја зајакнат нејзината транспортна улога и да создадат услови за долгорочен економски развој.
Новата делница треба да придонесе за побезбеден и поефикасен транспорт, а целосното автопатско поврзување меѓу Скопје и Охрид ќе зависи и од завршувањето на останатите проекти долж трасата.






