Почина Борис Ноневски, поранешен директор на Кинотеката

пред 4 години

По долго и тешко боледување, завчера почина Борис Ноневски, политиколог, социолог на културата, истакнат проучувач на кинематографската и историјата на фотографијата на нашите простори, поранешен директор на Кинотеката во Скопје именуван во два мандата на чело на оваа национална институција. Борис Ноневски (1948 година), по завршувањето на Факултетот за политички науки во Белград, работи на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Од 1976 година пак е во Белград како уредник во списанието „Социјализам“, сè до 1985 кога е избран за директор на Кинотеката на Македонија, а во 1993 го организира Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Деновиве, пак, француската влада му додели високо одликување! Во 2009 година францускиот амбасадор во земјата, Бернар Валеро, му го предаде високото одликување „Витез во редот на уметностите и литературата“. Како нејзин втор директор, Борис Ноневски македонската Кинотека ја унапреди во сите делови на кинотечната активност: зачувувањето на филмското наследство на македонските филмови од браќата Манаки и последоватлните кинематографи, во афирмацијата на тоа наследство, зачленувањето во меѓународните филмско-кинотечки установи, во организирањето научни симпозуми со регионален опфат и објави на книги посветени на делата на повоената македонска кинематографија, стручното учество на фестивлот на филмската камера во Битола посветен на браќата Манаки. Автор е на голем број единствени истражувачки прилози и книги, а зад себе остави и неколку завршени, сѐ уште необјавени книги. Погребот на Борис Ноневски се одржа вчера во родниот Претор.

Share
Scroll to Top