Сатја Грабулоски: Требаше да му правам патики на Коби Брајант, но дента кога стигнав во Лос Анџелес тој загина

Сатја Грабулоски: Требаше да му правам патики на Коби Брајант, но дента кога стигнав во Лос Анџелес, тој загина

пред 2 години

Македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски веќе седум години црта патики за големите светски ѕвезди. Леброн Џејмс, Кристијано Роналдо, Мајли Сајрус, Дуа Липа и Тиесто, се само дел од околу тристате ѕвезди кои имаат патики со негов потпис.

Тој и неговиот тим рачно ги изработуваат уникатните дизајни, а некогаш им требаат и преку 200 часа за еден пар патики.

Сепак, Сатја никогаш не си ја исполни желбата да дизајнира за Коби Брајант, иако било договорено и тој да добие пар патики.

„Бев во САД и требаше да имам состанок со Л.А Лејкерс околу деталите на нашата соработка. Но, дента кога стигнав во Лос Анџелес се случи хеликоптерската несреќа во која загина Коби. Кога слетав, уште на аеродромот гледав фанови во негови дресови и на почетокот не знаев што се случува. Дури потоа ми кажаа дека Брајант загинал, а патиките за коишто имавме и спремна скица, никогаш не ги направив“, раскажа Грабулоски за „Репортер“.

Денеска соработува со најголемите ѕвезди и лесно стига до нив преку контактите и пријателствата што ги создал низ годините.

Уште во средно школо почнал со маркер за платно да чкрта по своите патики. И денес првиот пар го чува во неговото студио. Така и почнал со оваа работа за ден денес да стане светска приказна.

„Изгледа неверојатно дете од Скопје да стигне до некои имиња. Но, уште на почетокот си реков дека нема да се оптоварувам со имиња и сите ќе ги третирам исто. Ама, не е секогаш сеедно и раката знае да ми се затресе од возбуда. Тоа ми се случи кога ги цртав патиките на Леброн Џејмс, најдобриот кошаркар на светот“, рече Сатја и ни ги покажа патиките кои се веќе готови и кои наскоро треба да ги испрати кај славниот кошаркар.

Јавноста го познава како дизајнер, но малкумина знаат дека дедо му Јордан Грабул го дизајнираше Македониумот во Крушево, а баба му го изработи ентериерот. И мајка му Лира е наградуван уметник, па искрен е кога вели дека семејното име понекогаш му создава притисок. Но горд е на фамилијата и се надева дека еден ден и тој ќе стигне до нивното ниво.

„Не се сеќавам кога последен пат сум бил во Македониумот, најверојатно затоа што последниот пат кога бев таму, внатре имаше некоја училишна клупа на која се продаваа сувенири, што според мене е навреда за авторството. Пред неколку години во Њујорк се организираше изложба на југословенската архитектура, а меѓу дизајните што беа изложени, беше и Македониумот. Беше убаво да го видам вниманието што го добива работата на дедо ми и ми беше чест да бидам таму, ама и поттик да продолжам и јас напред“, вели Сатја.

Низ разговорот ни откри и дека само 10% од она што го работат се објавува во јавноста, па еден ден сака да направи изложба што ќе ја прошета Европа. Тука се и муабетите за семејното наследство , но и колку често се расправа со мајка му за работата, оти од неодамна и таа е дел од неговото студио SWithaDot. Како се прават патиките, како ракометарката Андреа Лекиќ му дала ветер во грб во кариерата и со кои светски ѕвезди од соработник станал пријател, гледајте го интервјуто.

Андријана Јовановска

Share
Scroll to Top