Синиша ми ја даде цела доверба, но ова беше најагресивна форма на леукемија: докторката на славниот фудбалер раскажа за неговата борба со болеста

Синиша ми ја даде цела доверба, но ова беше најагресивна форма на леукемија: докторката на славниот фудбалер раскажа за неговата борба со болеста

пред 2 години

Синиша Михајловиќ плачел со денови кога лекарите му откриле дека ракот му се вратил. Ова го откри самиот тој на пресот со новинарите кога ги извести сите дека повторно мора да се соочи со тешката болест. Објасни дека тоа не биле солзи од страв туку дека ја прифатил ситуацијата и храбро се соочил со болеста.

„Кога ја слушнав веста, тоа беше тежок удар за мене. Седев со денови и плачев. Чувствував како животот да ми мина пред очи. Но, тоа не беа солзи од страв. Ја почитувам болеста и се соочив храбро со неа“, им рече Михајловиќ на новинарите.

Во јули 2019 година соопшти дека е болен, иако неколку месеци претходно сите испитувања и резултати покажаа дека е во најдобар ред.

„Сигурен сум дека сите сте мислеле дека сум еден од последните кои би можел да се разболи. Тренирав, голем сум и силен и ги направив сите тестови на 28 февруари. Сè беше во ред. Тренирав секој ден до мај, патував секаде, играв фудбал, се веселев. Не чувствувам замор, ниту болка. Сè беше нормално“, рече Михајловиќ.

Рече дека бил крајно внимателен, затоа што и неговиот татко починал од канцер. Постојано правел испитувања и водел сметка за себе.

„Мојот татко умре од рак, така што редовно одев на тестови. Ако не отидев, симптомите немаше да ги забележам уште година дена. Никој од нас не би требало да мисли дека е непобедлив. Сите мислиме дека не може да ни се случи такво нешто додека не не погоди. Тоа беше силен удар за мене. Тогаш ви останува само да се надевате дека сте ги предвидиле работите на време, затоа што постои голема разлика дали болеста ќе ја откриете по два месеци или по година дена“, рече Михајловиќ.

Неговите зборови ги потресоа сите. И во Србија и во Италија и во Европа. Михајловиќ важеше за голем и беспрекорен борец.

„Бев совршено здрав на секој начин, а еве во каква ситуација се наоѓам сега. Ова ја менува вашата ситуација за момент. Сè се менува моментално. Кога спиете и имате кошмари, се будите, но тука со денови се будите и сваќате дека не е кошмар туку дека е реалност. Полесно е да се борите ако ја имате во предвид ситуацијата, ако се тестирате и ако сте подготвени“, рече Михајловиќ и додаде дека сака да остави порака за сите дека секогаш вреди човек да се бори.

А за тоа со каков противник се соочи зборуваше и неговата докторка од Болоња, Франческа Бонифаци, која на италијанските медиуми по неговата смрт им призна дека никогаш во нејзиниот живот не видела таква агресивна форма на леукемија, како и тоа дека Синиша и се спротиставил храбро.

„За мене Михајловиќ од првиот до последен ден важеше за прекрасна личност. Многу силна. Ми ја даде целата доверба, но оваа болест беше најагресивната од досега што имам видено. Михајловиќ ни даде фудбалска и животна лекција во секоја смисла. И јас го охрабрував, но и тој мене. Многу го сакаше животот и работеше за да продолжи да живее. Беше подготвен да издржи секаква болка за да ја добие битката. Не сакаше да го остави семејството. Го обожаваше фудбалот, тоа беше неговиот свет, а семејството беше неговиот кислород“, рече Франческа.

За жал на 11 декември, во неделата, температурата наеднаш му порасна. Поради силната инфекција и слабото тело по напорните терапии во понеделникот падна во кома.

Почина во петокот на 16 декември а и една недела подоцна на многумина им е тешко да се помират дека „Гранде Миха“ почина. Михајловиќ беше погребан во Рим, а на погребот на плоштадот Езедра, во базиликата Санта Марија дојдоа голем број луѓе.

Неговиот брат Дражен му се заблагодари на патријархот на СПЦ Порфириј што даде согласност епископот Андреј Чилерџиќ да го одржи погребот. Патријархот лично дал дозвола да се направи православен крст и да биде однесен во Рим.

Share
Scroll to Top