Трафигура, најголемиот акционер во „Иловица–Штука“, со инвестиција од над милијарда долари во американскиот нафтен сектор

Трафигура, најголемиот акционер во „Иловица–Штука“, со инвестиција од над милијарда долари во американскиот нафтен сектор

пред 4 часа

Глобалната компанија за трговија со енергенси, метали и минерали „Трафигура“, која е мнозински сопственик на „Еуромакс Ресоурцес“ – концесионер на проектот за рудникот „Иловица–Штука“ во Македонија, склучи стратешки договори со американската компанија CVR Energy за поддршка на планираното преземање на две рафинерии во Соединетите Американски Држави. Вкупната финансиска инвестиција и поддршка што „Трафигура“ ќе ја обезбеди во рамки на трансакцијата ќе надмине една милијарда американски долари, соопшти компанијата.

Според официјалното соопштение на „Трафигура“, договорите се поврзани со планираното преземање на рафинеријата „Мандан“ во сојузната држава Северна Дакота и рафинеријата „Сент Пол Парк“ во Минесота. Двата капацитета треба да бидат преземени од подружници и поврзани компании на американската „Маратон Петролеум Корпорејшн“.

Како дел од договорената соработка, „Трафигура“ ќе инвестира 800 милиони долари во новоиздадени акции на CVR Energy, со што, по завршувањето на преземањето, ќе стекне малцински сопственички удел во американската компанија.

Покрај директното капитално вложување, договорите предвидуваат и воспоставување долгорочна деловна соработка во снабдувањето со сурова нафта и трговијата со нафтени деривати.

По успешното финализирање на трансакцијата, „Трафигура Трејдинг“ ќе стане ексклузивен снабдувач со сурова нафта за двете рафинерии, како и нивен партнер за посредување во трговските активности. Дополнително, предвидено е склучување договори за преземање на одредени нафтени деривати произведени во овие капацитети.

Од „Трафигура“ објаснуваат дека ваквиот модел на соработка треба да обезбеди сигурно и континуирано снабдување на рафинериите со сурова нафта, но и стабилни канали за пласман на горивата произведени на американскиот пазар.

Компанијата ја оценува трансакцијата како значаен чекор во понатамошното проширување на своите активности во енергетскиот сектор во САД, со посебен акцент на поврзувањето на производството, преработката, логистиката и трговијата со енергенси.

„Со овој договор ја поддржуваме CVR во трансакцијата и создаваме можност за зајакнување на синџирите на снабдување“, изјави Роб Крајдер, претседател на „Трафигура US Holdings“.

Тој посочи дека развиената меѓународна логистичка и трговска мрежа на компанијата може да придонесе за поефикасно поврзување на производителите и потрошувачите, како и за унапредување на снабдувањето со енергенси.

„Трафигура“ е една од големите светски компании за трговија со суровини, со деловни активности во повеќе од 150 земји и над 14.500 вработени. Нејзиното работење опфаќа трговија со нафта и нафтени деривати, енергенси, метали и минерали, како и логистички и инфраструктурни активности поврзани со глобалните синџири на снабдување.

Компанијата има деловно присуство и во Македонија преку сопственичкото учество во „Еуромакс Ресоурцес“, каде што е најголем акционер.

„Еуромакс Ресоурцес“ е концесионер на проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“, лоциран во југоисточниот дел на Македонија.

Со најавената инвестиција во американскиот рафинериски сектор, „Трафигура“ дополнително ги проширува своите меѓународни енергетски активности, додека преку сопственичката поврзаност со „Еуромакс Ресоурцес“ останува присутна и во проектот „Иловица–Штука“.

Share
Scroll to Top