Убаво е во Австралија, ама моето срце е тука: искрено со Татјана Лазаревска

Убаво е во Австралија, ама моето срце е тука: искрено со Татјана Лазаревска

пред 1 година

Брачната двојка Татјана Лазаревска и Новица Василевски, по девет години, дојде во Македонија. Среќни што, конечно, се меѓу своите, за овој месец се трудат да стигнат секаде, да се видат со сите, па дури снимија и заеднички дует.

„И децата Петар и Стефан  првпат се тука по 9 години. Тие беа многу мали кога заминавме. Откога се дојдени, пројавија желба за музика, што не е случај во Австралија. Поголемиот сака спорт, а помалиот дворот го направи фризерница и сам си заработува како бербер. Е, сега, откога се во Македонија, почнаа да бараат музички инструменти, па јас и Новица скокаме од радост“, раскажува Тања.

Низ насмевка вели дека Новица е оправдано отсутен од интервјуто: Па, драги мои, како и сите гастарбајтери, така и Новица дојде во Македонија и веднаш отиде да си поправи забите, открива Тања.

Во студиото на „Репортер“ зборуваме сешто. За животот во Австралија, од денот кога дошла во Мелбурн, па како што вели: „не беше лесна одлуката да заминеме, а перницата ми беше потопена од солзи“.

Денес, имаат своја куќа, која неодамна ја купија и во која често се собираат гости, а Лазаревска и Василевски сакаат да ги пречекаат сите колеги што од Македонија доаѓаат на настапи во Австралија. Друштво се собира и за нивните семејни веселби, родендени, слава и за годишнината од брак, која ја прославија неодамна. Но, најмногу се дружи со Маријана, сестрата близначка на Росана, за која вели: Ние две сме си таму една со друга како замена за нашите најблиски, кои се овде.

Тања и  Новица имаат редовна работа од понеделник до петок во Мелбурн, а во текот на викендите настапуваат на прославите на нашинците во повеќе градови во Австралија.  „Австралија е добра земја за живеење. Јас работам како учителка во градинка, а Новица вози автобус во јавен транспорт. Но, сепак, Македонија е нашата татковина“, вели таа.

Со Новица прославија 20 година брак. Новица е мојата најголема љубов. Кога почнавме врска, по сите турбуленции, знаев дека ќе се венчаме. Тогаш си рековме: или ќе застанеме на лудиот камен или и на двајцата по еден камен во глава и секој дома“, се шегува Тања. Гледајте го интервјуто.

Александра Георгиев 

 

Share
Scroll to Top