Австралија вторпат му ја укина визата на Новак Ѓоковиќ и тој сега се соочува со нова депортација. Ова го соопшти министерот за имиграција Алекс Хок. Српскиот тенисер уште еднаш ќе може да проба да ја оспори одлуката на суд за да остане во земјата и игра на Отвореното првенство на Австралија, кое почнува в понеделник.
Оваа одлука значи дека Ѓоковиќ можеби ќе добие и тригодишна забрана за влез во Австралија.
„Денеска ги искористив моите овластувања да ја укинам визата на Новак Ѓоковиќ, што е во здравствен и јавен интерес на земјата. Владата на Скот Морисон е силно посветена кон заштитата на границите на Австралија, особено во врска со пандемијата на ковид-19“, се вели во изјавата на Хок.
Министерот ја објави својата одлука пет дена откако федералниот суд во Мелбурн ја поништи одлуката да му се укине визата на Ѓоковиќ, по што му беше дозволено да излезе од имиграцискиот притвор во Мелбурн и да тренира.
Според Кијан Боун, адвокатот од Мелбурн, адвокатите на Ѓоковиќ ќе имаат тешка задача да се изборат за судски наредби преку викендот за тој да може да игра следната недела.
„Една одлука е за спречување депортација, како онаа што ја доби првиот пат. Втората е да му се нареди на Хок да му одобри виза на Ѓоковиќ. Такво нешто би било речиси преседан, многу ретко судовите му наредуваат на член на владата да одобри виза“, изјави Боун за Асошиејтед прес.
Организаторите на Австралија опен му дозволија на Ѓоковиќ да учествува на турнирот иако не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во земјата. Тој доби дозвола за медицинско изземање од вакцинирањето врз основа на тоа што имал позитивен тест за корона на 16 декември. Австралиските власти во ноември ја известиле Тениската федерација дека скорешна зараза со коронавирусот не е нужна основа за изземање. Во меѓувреме Ѓоковиќ призна дека ги прекршил правилата за изолација во Србија и дека дал лажна изјава дека не патувал 14 дена пред доаѓањето во Мелбурн, кога визата првпат му беше поништена.