Актерката Хојеон Јунг (27), која стана најпозната по улогата во хит серијата „ Сквид Гејм“, позираше за најновото издание на „Вог“ кое ќе излезе во февруари. Таа е првата Јужнокорејка која некогаш се појавила на насловната страница на овој престижен американски магазин. Таа лани имаше 400.000 следбеници на Инстаграм, но по емитувањето на серијата, бројката достигна до 23,7 милиони.
Јунг откри за „Вог“ дека нејзиниот живот целосно се променил откако почнала да се емитува серијата. Исто така, таа призна дека брзото искачување до ѕвездите не било секогаш лесно.
„Не знам зошто, но не можев да јадам. Бев толку збунета и се беше толку хаотично што не верував што се случува, едноставно не верував“, вели Јунг.
Јунг ослаби осум килограми за кратко време, па нејзините обожаватели се загрижија за нејзиното здравје. Таа се присети на коментарите кои ги читала во тоа време.
„Дури и осум луѓе да ме пофалат, а само двајца да ми напишат нешто негативно, јас плачев сама дома. Дури и сега се борам со ниската самодоверба, раскажа таа за „Вог“.
Актерката меѓудругото зборува и за љубовта кон Њујорк и за конечниот мир кој го доживеала откако се преселила таму.