Џи-Пи разочаран од јутјуберството: Еден добар човек не запознав, живеев во свет на лицемерие и алчност за пари

Џи-Пи разочаран од јутјуберството: Еден добар човек не запознав, живеев во свет на лицемерие и алчност за пари

пред 3 години

Еден од најпознатите македонски јутјубери, Марко Марковиќ познат како Џи-Пи, по речиси десет години ќе престане да снима јутјуб-видеа. Тој на својот канал објави видео со наслов „Збогум“ и откри дека е време за ново поглавје во неговиот животот. Џи-Пи има речиси 260.000 претплатници на неговиот канал, а во видеото кое трае речиси еден час зборува за неубавите работи што му ги донела популарноста и лицемерието, за проблемите во приватниот живот, но и дека девојките сакале да се со него само поради славата

Марко (22) вели дека првата причина поради што се повлекува е дека сака повеќе да се сконцентрира на работата како програмер и на професијата за која напорно учел и се образувал изминатите години. Тој студира на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и ја завршува последната година.

„Образованието секогаш ми било на прво место. Сите обврски си бараат време, а во последниот период ретко ставав видеа и се гледаше дека немам доволно време. Немам повеќе време за Јутјуб и за програмирање. Физички веќе не е возможно да сум квалитетен и на двете места, а немам намера да се откажам од факултетот. Не заработувам премногу од видеата за да се откажам од професијата“ вели Џи-Пи.

Марко во видеото објави и снимка од старо видео, на кое се гледа како плаче и објаснува кој бил пресудниот момент што го натерал да реши да се откаже од кариерата како јутјубер.

„Ова сум јас на 31 декември, а на денот што го чекав цела година се разбудив со плачење и цел ден го поминав во едитирање видео. Зошто!? Затоа што видеото го снимав во четвртокот, претходно немав време поради обврските со факултетот. Четвртокот цел ден го поминав во снимање и си дојдов дома околу 1 часот по полноќ и цела ноќ не можев да заспијам, а утрината ме удри тоа дека си ја расипав Новата година и сфатив дека сите овие години јас живеам за туѓа среќа. Мене ме исполнува тоа што ги правам среќни фановите, но вие не знаете колку стресови и колку сум немал можности за снимање. Не знаете колку несреќен сум бил додека сум ги правел видеата“, додава тој.

Признава дека поради Јутјуб ги запоставил вистинските пријатели за да се дружи со луѓето од јутјуб-заедницата.

„Мислам дека еден добар човек не запознав на Јутјуб. Кај 90 отсто од луѓето што се на Јутјуб забележав многу лицемерие, љубомора, алчност по пари и по слава, зборување зад грб. Не знам дали кога си на таква позиција само такви луѓе ти се лепат или сите се такви помалку, но навистина не сакам да сум во контакти со такви луѓе“, вели Марко и додава дека најголем проблем се сепак девојките. Тој кажа дека во последно време постојано го прогонувале девојки што само сакаат слава и ништо повеќе.

„Добро девојче што сака смирен и нормален живот нема да оди со јавна личност. И сега кога ќе се тргнам од Јутјуб автоматски ги филтрирам сите што се заради слава, и сите ќе си отидат, тоа ми е целта“, рече Џи-Пи во последното видео.

Share
Scroll to Top