Филмското студио во Холивуд во план е да сними филмови за Елвис Присли, Боб Дилан, Мајкл Џексон и многу други поп ѕвезди.
Додека ги чекаме овие остварувања, редно е да се осврнеме на некои од најуспешните биографски филмови за музичарите кои излегоа во последните неколку децении. Во продолжение следат некои од нив.
Love & Mercy (2014)
Во фокусот на овој филм е Брајан Вилсон, лидерот на групата Бич Бојс. Дејствието во филмот се случува во два временски периоди, во текот на шеесеттите, кога овој бенд го сними својот најдобар албум Pet Sounds, и во текот на осумдесеттите кога Вилсон имаше огромни проблеми со своето ментално здравје. Младиот Вилсон го толкува Пол Дејно, додека стариот Џон Кјузак.
Walk the Line (2005)
Хоакин Финикс го толкува Џони Кеш во доста успешниот филн за популарниот изведувач на кантри музика. Неговата жена Џун Картер ја толкува Рис Витерспун, која за оваа улога беше наградена со Оскар. Филмот прикажува доста релевантни моменти од првата фаза од кариерата на популарниот пејач, познат како Човекот во црно, но и неговата борба со зависноста од алкохол и дрога во средината на шеесеттите.
Control (2007)
Контрола претставува биографски филм за Ијан Кертис, фронтменот на влијателната група Џој Дивижн. Сценариото на филмот е напишано врз база на мемоарите на Дебра Кертис, жената на Ијан, која со него била во врска од 1973 до 1980, кога тогаш 23-годишниот пејач извршил самоубиство. Контрола се осврнува на важни моменти од животот на талентираниот музичар, вклучувајќи го и настанувањето на групата Џој Дивижн, неговата борба со епилепсија, но и неговото неверство со белгиската новинарка Аник Оноре.
Nowhere Boy (2009)
Тешко е да се направи добар филм за Битлси кој е посветен на сите фази од нивните кариери. За тоа бил свесен и Сем Тејлор-Џонсон, режисерот на остварувањето на филмот Nowhere Boy, поради што одлучил приказната на неговиот филм да се фокусира само на младиот Џон Ленон и неговиот однос со неговата тетка, мајка и младиот Пол Мекартни. Ленон во овој филм го толкува Арон Телјор-Џонсон.
Get On Up (2014)
Покојниот Џедвик Боузмен една од своите најдобри улоги ја оствари токму во овој филм, каде го играше Џејмс Браун. Во прашање е доста интересен биографски филм за „кумот на соул музиката“ кој прикажува од каде тој потекнува, како ги направил првите чекори во светот на музиката, што го инспирирало да го промени својот звук, а така и звукот на целокупната популарна музика, како и неговите помалку славни моменти, поради кои некогаш бил во проблеми со законот.