Вардар доби нов спонзор, долгот од 2,4 милиони евра кој го остави Самсоненко ќе го преземе Блу скај Инвестмент

Вардар доби нов спонзор, долгот од 2,4 милиони евра кој го остави Самсоненко ќе го преземе Блу скај Инвестмент

пред 3 години

Новиот сопственик на фудбалскиот клуб „Вардар“, „Блу Скај инвестмент“, денеска беше претставен од страна на градоначалникот Петре Шилегов. Сергеј Самсоненко и официјално стана минато за клубот кој беше вратен во рацете на Град Скопје.

 

На денешната прес-конференција, покрај градоначалникот Петре Шилегов, присуствуваше сопственикот на Блу Скај инвестмент, Слободан Крстевски, како и поранешниот директор на Вардар, Самоил Симев.

„На мое огромно задоволство, можам официјално да соопштам дека успешно заврши посредувањето на Град Скопје со стариот и новиот инвеститор и сопственик на ФК Вардар, со што успеваме да обезбедиме извесна иднина за ФК Вардар, како една од најголемите спортски институции во нашава земја. Станува збор за фирмата Блу Скај инвестмент, која е согласна во целост да го преземе постојниот договор со сите услови што Град Скопје го има склучено со поранешниот сопственик“, изјави Шилегов.

Тој истакна дека сите долгови кои се настанати во меѓувреме, кон сите коминтенти и играчи, во наредниот период ќе бидат во целост подмирени од новиот инвеститор, како дел од новиот договор.

„Во наредниот период со гордост ќе можам да побарам од Советот на Град Скопје, на следната седница, која планираме да се одржи во втората половина на месец август, овој договор да биде одобрен, како од надлежен орган кој ја има донесено и претходната одлука за продажба на акциите на ФК Вардар“, додаде Шилегов.

Градоначалникот најави подобри денови за најтрофејниот фудбалски клуб во нашата земја, чија првична цел ќе биде враќањето во Првата Македонска фудбалска лига од која испадна поради огромните финансиски проблеми.

Клубот во престојната сезона се натпреварува во Втора лига Запад.

фото: МИА