Британското музичко списание „Грамофон“ ги избра новиот албум на Симон Трпчески, „Варијации“, за албум на месецот. Ова е трет албум кој Трпчески го издаде за реномираната куќа „Лин рекордс“, а на цедето се наоѓаат дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
var ai_script = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_viewport (ai_script [ai_script.length – 1]);
Според уредникот Патрик Ракер, кој е и рецензент на „Грамофон“, албумот на Симон во исто време предизвикува и восхит и зачуденост.
„Интерпретацијата на Трпчески на оваа деликатна, нежна музика е најличното свирење што сум го слушнал од него. Длабоко тапациран, но во исто време јасен, жесток и искрен. Целата варијација е како виор низ прозорецот на возилото кое забрзано се движи по автопатот со безмалку 130 километри на час. Изведбата на Трпчески може да послужи како саундтрак за научно-фантастичен филм на Андреј Тарковски“, пишува Ракер.
На македонскиот пијанист максимални пет ѕвездички за албумот му даде и престижниот британски „Би-би-си мјузик магазин“. Нивниот рецензент Мајкл Чрч вели дека во албумот доминира карактеристичната префинетост на Трпчески кој со убавина и лесен допир изведбата во исто време ја прави и интимна и земјотресна.
Трпчески неодамна имаше мини турнеја во САД, а настапи и со Кралскиот шкотски национален оркестар низ Шкотска и имаше четири вечери со Сиднејскиот симфониски оркестар во Градската куќа во Сиднеј. Тој ќе има уште еден концерт во САД во јуни, а потоа и со филхармонијата во Букурешт. На крајот на јуни тој ќе настапи во Белград. Во текот на јули Трпчески ќе одржи рецитал во Загреб, а ќе настапи и во Франција на Фестивал на камерна музика. По ова следуваат концертите со албумот „Македонисимо“, северноамериканската премиера во Отава и повторните гостувања во Пјонгчанг во Јужна Кореја. Завршниот концерт од сезонава е во рамките на Грент парк музичкиот фестивал во Чикаго.