Вајолет Џесоп, родена во Аргентина 1887 година, е жената што успеала да го преживее потонувањето на „Титаник“, но и уште два други бродолома. Таа е позната и како принцезата на бродовите што потонуваат. Уште во раната возраст таа тргнала да бара работа.
Работела како медицинска сестра, а во потрага по подобар живот и начин да му помогне на семејството таа во 1911 година се качила на бродот „Олимпик“, познат како и најстарата сестра на „Титаник“.
Во тоа време „Олимпик“ бил луксузен брод, еден од најголемите цивилни прекуокеански бродови на сите времиња. На тој 20 септември 1911 година, по испловувањето на „Олимпик“ од Саутемптон, бродот се удира во британскиот воен брод „Хавк“. За среќа, сите преживеаја.
Бродот и покрај сериозните оштетувања успеал некако да се врати до брегот. Вајолет продолжила да работи на „Олимпик“ до април наредната година кога била префрлена на неговиот сестрински брод „Титатник“. Таа ситуацијата со „Олимпик“ ја напишала во мемоарите.
„Мислев дека тоа ќе биде мојата последна несреќа на еден брод, но добредојде на ‘Титаник’, напишала таа. „Титаник“ на своето прво патување за кое подоцна се утврдило и дека е последно, тргнал на 10 април 1912 година.
Многумина се надеваа на тој брод, кој важел и за најголем и најубаво изграден. Многубројни елити купиле билети за неговото прво патување не знаејќи дека тоа ќе му биде и последно. Меѓу екипажот бил и младата Вајолет.
Само 4 дена од исловувањето дружењето во холот бил прекинат од тап удар. Се утврдило дека „Титаник“ удрил во санта лед. Бродот, за кој се сметало дека ќе доминира во прекуокеанските води, потонал за 2 часа и 40 минути, а со себе повлекол повеќе од 1.500 луѓе.
По ударот, била почната акција за спасување, а Вајолет во своите мемоари опишала дека нејзиното задолжение било да се договори со патниците на палубата кои не го разбирале англискиот јазик.
Таа гледала како луѓето се качувале на чамците за спасување, а потоа ја повикале и неа. Во тој момент еден од бродските офицери ѝ дал едно бебе. Два часа подоцна, на местото на несреќата се појавил бродот „Карпатија“, кој ги барал преживеаните, меѓу кои била и Вајолет. Заедно со нив таа стигнала во Њујорк.
„На бродот ми дојде една жена и ми го зеде бебето од раце. Претпоставувам дека тоа беше нејзината мајка. Побегна од мене без ништо да ми каже. Плачејќи“, запишала Вајолет во мемоарите. Таа напишала дека никогаш не престанала да плови.
По двата страшни бродолома, некои луѓе би се пензионирале, но не и Вајолет. 4 години подоцна, таа се нашла на брод на кој исто така му се случила несреќа.
На 21 ноември 1916 година таа се качила на „Британик“, помладата сестра на „Титаник“, кој бил претворен во болнички брод. И овој брод потонал, но под неразјаснети околности.
Наводно, бродот закачил подводна мина. А се ширеа и теории на заговор како оние дека тој бил погоден со тропедо, но и дека самите Британци си го потопиле сопствениот брод.
Вајолет тогаш за малку ќе загинела кога бродските пропелери го повлекле чамецот во кој се наоѓала во водата. Таа морала да скокне во водата, при што заработила тешка повреда на главата.
„Целата механизација на палубата падна во водата како да е играчка. Тогаш машината се подигна во небото стотина метри сè додека со последниот крик не исчезна во длабочината“, напишала Вајолет во мемоарите.
По војната, Вајолет продолжила да работи за бродската компанија. Таа заминала на уште две крстарења околу светот, кои, за среќа, минале без инциденти. Во доцните 30-ти таа се омажила, а во 1950 година се пензионирала на 63 години.
Во тоа време таа добила чуден телефонски повик. Мистериозниот човек ја прашал дали таа е жената што го спасила бебето на бродот „Титаник“. Човекот што ѝ се јавил ѝ кажал дека тој бил бебето, се насмеал, а потоа ѝ ја спуштил слушалката.
Нејзин пријател ѝ кажал дека веројатно некое од децата во селото се шегувала со неа.
„Не, Џон, оваа приказна никому му ја немам кажано досега“, му рекла Вајолет. Таа починала во 1971 година на 84-годишна возраст од срцев удар.
Нејзината приказна им послужила на голем број режисери како инспирација за филмови, па така еден од актерите од познатиот филм „Титаник“, кој го спасува бебето, се претпоставува дека е базиран од ликот и делото на Вајолет.