(Видео) Иранска глумица Хенгамех Газијана е уапсена затоа што го симнала велот и ги поддржала протестите во Иран

(Видео) Иранска глумица Хенгамех Газијана е уапсена затоа што го симнала велот и ги поддржала протестите во Иран

пред 1 година

Иранската полиција ја уапси глумицата Хенгамех Газијани откако објави видео на кое е без муслиманскиот вел. Се симнала во знак на поддршка на протестите и движењето кое се случи во септември по смртта на младата Иранка Махса Амини во притвор.

Протестите почнаа на 16 септември, на денот на смртта на 22 годишната Амини која починала во болницата во која била сместена откако претходно била уапсена на 13 септември во Техеран. Властите ја уапсиле за носење на несоодветна облека и непочитување на строгите правила за облекување на жените во Иран.

Демонстрациите подоцна прераснале во движење против иранските власти. Според невладините организации во протестите биле убиени стотина луѓе, а околу 15.000 се уапсени. Некои од уапсените се осудени на смрт.

Газијани е уапсена за поттикнување и поддршка на нередите и комуникација со опозиционите медиуми, пренесе државната агенција „Ирна“. Глумицата претходно рече дека добила повик од судот, а на видеото кое го објавила на „Инстаграм“ се гледа како го трга велот.

„Можеби ова ќе биде мојата последна порака. Од сега, што и да ми се случи, знајте дека секогаш ќе бидам со иранскиот народ, до последниот мој здив“, рече таа.

52 годишната глумица последните недели остро го критикуваше отпорот на властите против протестите и ги обвинуви за убиство на деца. Иранското правосудство ја повика, заедно со уште седум лица од светот на филмот, политиката и спортот, за објавување на провокативни содржини во знак на поддршка на протестите.

Share
Scroll to Top