Откако најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ги минува Бадник и Божиќ сам во хотелот за мигранти, триесетина Срби се собраа под неговиот прозорец за да му го честитаат празникот. Тие го поздравија со оро и транспаренти, со порака дека не е сам.
Навивачите на Ѓоковиќ дојдоа облечени во српски дресови и носеа знамиња, а имаше и знаме со неговиот лик, на кое пишува дека се секогаш со него.
„И кога нема да бидеш прв, и кога ќе се слушнат свирежите, и потоа, Ноле, знај дека те сакаме“, пишува на огромниот транспарент што е поставен спроти прозорецот на Ѓоковиќ.
Тенисерот не може да има никаква комуникација со навивачите, бидејќи прозорците на хотелот не се отворат. Но, тој во еден момент се појавил на прозорецот и им испратил бакнежи и со прстите направил срце, пренесе „9њуз“.