(Видео) Холанѓаните играат хокеј на замрзнатите канали во Амстердам

(Видео) Холанѓаните играат хокеј на замрзнатите канали во Амстердам

пред 3 години

По три години, повторно замрзнаа каналите во Амстердам и Холанѓаните масовно излегоа да се забавуваат на мразот. Едни играа хокеј, а други се лизгаа, иако премиерот Марк Руте апелира да се избегнува масовното собирање поради ризик од ширење на коронавирусот, но и од можните повреди што ќе ги оптоварат службите за итни случаи.

„Ве молам, не паѓајте, па да мора да одите во болница. И онака имаат доволно работа таму“, изјави холандскиот премиер Марк Руте на националната телевизија.

Во Амстердам десетици лица се лизгаа на Принсенграхт, еден од четирите главни канали во градот, иако мразот не беше доволно густ на сите места. Некои играа и хокеј на мраз. Најмалку едно лице пропаднало во мразот, но успеало да излезе без туѓа помош, пренесоа холандските медиуми.

Освен во Амстердам, се лизгале и во Хаг, но и во Киндердијк, на запад од земјата, на замрзнатите речни канали околу познатите ветерници. Ова место е под заштита на УНЕСКО како културното наследство. Службите за прва помош работеле двојно повеќе од претходниот ден.

„Морав да ја искористам можноста затоа што нема да има друга во наредните години“, рекол 71-годишниот Кок Харткорн за медиумите.

Лизгањето на мраз е холандска традиција и многу луѓе имаат подготвено чифт лизгалки во случај на замрзнување на каналите.

Share
Scroll to Top