Глумецот Арнолд Шварценегер (74) е лут на антиваксерите и смета дека со нивниот став тие придонесуваат за ширење на короната. Ова популарниот Терминатор го кажа во интервју за „Индепендент“, а потоа својот став го објави и во интервју на Инстаграм.
„Вирусот е тука, ги убива луѓето и единствениот начин да се ослободиме од него е со вакцинацијата, носење маски и држење дистанца. Треба постојано да ги миеме рацете, а не да размислуваме дека нашата слобода сега е загрозена. По гаволите со вашата слобода, луѓе умираат“, рекол тој за „Индепендент“.
Глумецот и некогашен гувернер на Калифорнија, вели дека луѓето не можат да прават што сакаат ако тоа влијае лошо на другите луѓе. Затоа ги споредил правилата за заштита од коронавирусот со сообраќајните правила:
„Поставуваме семафори за некој да не убие некого на улица. Не можете да кажете дека нема да застанете на црвено светло оти ви се може, бидејќи тогаш сигурно некого ќе убиете“, вели тој.
„Можеби имате слобода да не носите маска, но треба да ги чувате оние околу вас. Не мора да бидете кретени само затоа што ви е дозволено премногу“, додал тој.
Коментарите на Шварценегер предизвикаа различни реакции. Едни се согласија со него, а многумина му одговорија дека ги разочарал и дека тера политичка кампања, па подобро е да се тргне од политиката.
„Отсекогаш ми бевте пример, но оваа ваша порака навистина ме разочара“, напиша негов следбеник на социјалните мрежи.