Вистинската приказна на Маурицио и Патриција Гучи: Романтична љубов која заврши со убиство и пропаст на модната династија

Вистинската приказна на Маурицио и Патриција Гучи: Романтична љубов која заврши со убиство и пропаст на модната династија

пред 2 години

Филмот „Куќата Гучи“, на режисерот Ридли Скот, раскажува за подемот и пропаста на модната династија и тажната љубовна приказна за Патриција и Маурицио Гучи, која започна романтично, а заврши со убиство. Во филмот е опишаната љубовта меѓу Патриција Реџиани и нејзиниот сопруг Маурицио Гучи, но и семејството кое го создаде модниот бренд Гучи и убиството поради кое Патриција го доби прекарот „Црната вдовица“. Главните улоги ги играат Лејди Гага, Адам Драјвер, Ал Пачино, Селма Хајек, Џаред Лето и други.

Маурицио и Патриција се венчаа 1972 година и имаа две ќерки. Постарата Алесандра е родена 1977 година, а помалата Алегра 1981 година. Парот се раздели 1985 година, откако Маурицио ѝ рекол дека оди на службено патување во Фиренца, а следниот ден испратил пријател да ја извести Патриција дека нема да се врати и дека нивниот брак е завршен. Во 1990 година, Маурицио започна љубовна врска со Паола Франки, пријателка од детството, која била и гостинка на неговата свадба со Патриција. Маурицио и Патриција официјално се разведоа 1994 година, а дизајнерот се согласи да ѝ плаќа на поранешната жена годишна алиментација од 1,47 милиони долари. Патриција, со спогодбата, требаше да се откаже од Гучи како нејзино презиме.

Познатиот италијански дизајнер беше убиен на 27 март 1995 година од најмен платен убиец, додека одеше кон неговата канцеларија во Милано. Неговото убиство се случи една година откако го финализираше разводот со Патриција. Две години по неговата смрт, Патриција беше уапсена и обвинета дека го ангажирала платен убиец да го убие Маурицио. Таа беше уапсена по анонимна дојава во полицијата во јануари 1997 година. Според обвинителите, Патриција имала мотив да го убие својот сопруг поради љубомора, но и за да го спречи Маурицио да се ожени со неговата партнерка, оти тоа би ја намалило нејзината алиментација на 860.000 долари годишно.

Мажот што го уби Маурицио, Бенедето Серауло, бил сопственик на пицерија во долгови. Него го ангажирала Патриција преку нејзината гатачка и блиска пријателка, Џузепина „Пина“ Ауриема. Полицаец открил дека тројцата го извршиле злосторството, откако снимил телефонски повик со сите нив, во кој им се претставил како платен убиец и ѝ се заканил на Патриција да го плати остатокот од парите што ги должи за убиството на Маурицио. Неколку сведоци на судењето, исто така, потврдија дека Патриција ги прашувала како да ангажира платен убиец. Друг доказ против Патриција е нејзиниот запис во дневникот на денот кога умрел Маурицио: „Парадеисос“, напиша на грчки значи „рај“.

„Мислам дека на Патриција ѝ пречеше што веќе не можеше да се нарекува Гучи“, рекла жена што сведочела против црната вдовица.

За време на судењето, адвокатите на Патриција негираа дека таа наредила да биде убиен Маурицио. Тие тврдеа дека Пина уценувала. Патриција подоцна пред судот рекла дека убиството „вредело секоја лира“.

„Во очите на Пина, Патриција Реџиани Мартинели беше златна крава, која требаше да се молзе за пари“, рекле адвокатите на Патриција.

По петмесечно судење, Патриција, Пина и Бенедето беа осудени за убиство со умисла, а вдовицата на Гучи беше осудена на 29 години затвор.

Откако беше испратена во затвор во затворот Сан Виторе во Милано, Патриција побара да ѝ се поништи пресудата бидејќи туморот на мозокот, од кој беше оперирана 1992 година, ја оштетил и ја направил неспособна да планира убиство. Апелациониот суд во Милано ја потврди нејзината пресуда во 2000 година, но ѝ ја намали казната на 26 години.

Истата година, Патриција се обидела да се обеси со чаршаф, но ја пронашле затворските чувари и ја однеле во болница. Во 2011 година таа можеше да побара да ја пуштат на условна слобода, но таа одби и реши да остане во затвор. „Никогаш во животот не сум работела, нема да почнам сега“, му рекла тогаш таа на својот адвокат. Подоцна, во 2014 година, поднесе барање за условна слобода, а беше ослободена во октомври 2016 година, по 18 години затвор.

Маурицио Гучи

Откако беше пуштена од затвор, Патриција почна да работи во Боцарт, фирма за накит во Милано, како консултант за дизајн. Во интервјуто за „Гардијан“, Патриција се пошегува дека нејзината облека е од Зара зашто веќе не може да си дозволи Гучи, а дека живее со нејзината мајка, која тогаш имала 89 години. Патриција тогаш потврди дека не разговарала многу со ќерките Алесандра и Алегра додека била во затвор.

„Сега минуваме низ лошо време. Тие не ме разбираат и ми ја прекинаа финансиската поддршка. Немам ништо, а не ги запознав ниту моите двајца внуци“, рекла таа.

Сепак, ќерките не ја прекинаа врската со Патриција целосно. Тие ја посетуваа додека беше во затвор, а беа и дел од кампањата за ослободување на нивната мајка. Тие тврдеа дека Патриција „не управувала со нејзините ментални способности во времето на убиството“ откако била оперирана од тумор на мозокот. Алесандра и Алегра имаа 20, односно 16 години кога нивната мајка беше уапсена за убиство. Тие се омажија додека Патриција беше во затвор и родија синови, а никогаш не се експонираа во јавноста по она што им се случи на нивните родители, па не се знае многу за нивниот приватен живот.

Алесандра и Алегра Гучи

 

Денес се смета дека Алесандра и Алегра Гучи вредат 400 милиони долари, приближно исто толку што вредел нивниот татко кога умрел. Тие добија контрола над имотот откако Патриција беше осудена за убиство. Во интервју за списанието Classic Boat во 2013 година, Алегра откри дека таа и нејзината сестра го одржуваат духот на татко им низ неговите чамци.

„Татко ми би бил многу среќен да ги види чамците сега и како неговата филозофија за нив продолжува“, рече таа.

Во 2008 година, Алесандра лансираше сопствена линија луксузни чанти наречена AG Limited Editions. Три од чантите ги нарече по себе, нејзиниот татко и нејзиниот дедо.

Во 2013 година, „Вумен веар дејли“ објави дека Алегра и Алесандра биле обвинети за даночно затајување, бидејќи наводно не платиле данок од 4,5 милиони евра од 2004 до 2010 година. Тие беа ослободени од обвиненијата за даночно затајување врз основа на недоволни докази.

Share
Scroll to Top