Во текот на 2020 година се произведени околу 50 милијарди парчиња маски за лице, а се проценува дека 1,56 милијарди парчиња завршиле во океаните, покажуваат податоците на групата „Oceans Asia“.
Во извештајот, се наведени застрашувачки податоци за загадувањето на океаните во време на пандемија. Со оглед на количината маски која завршила во нив, се проценува дека е потребно да поминат дури 450 години за тие се распаднат.
Во извештаите е наведено дека дури 3% од 52 милијарди произведени маски, завршиле во нашите води. Тоа се загрижувачки податоци, затоа што пластичниот отпад годишно усмртува околу 100.000 морски цицачи и желки, повеќе од милион морски птици и уште поголем број риби.
Пластичниот отпад не влијае само на морскиот живот, туку и на крајбрежната заедница, риболовот и економијата. Пластичниот отпад е драстично зголемен во текот на минатата година, поради пандемијата со коронавирусот, со оглед на обврзаноста да се носат заштитни маски и ракавици.
Тоа негативно се одразува на природата.
„Еднократните маски се направени од различни видови на пластика и тешко се рециклираат поради својот состав, ризикот од контаминација и инфекција. Овие маски завршуваат во океаните кога ќе се фрлат и кога системот со управа на отпад не е адекватен“, е наведено во извештаите.
Отпадот нанесува штета на океаните и животните, а пример за тоа е и угинати пингвини, пронајдени на плажите. Во еден од нив, во неговиот желудник била најдена маска.
Авторите на извештајот наведуваат дека постојат решенија, кои можат да го минимилизираат влијанието на пластичниот отпад. Меѓу нив се маските кои можат да се користат повеќе пати и кои се направени од материјал погоден за рециклажа.
Во секој случај потребно е да се фрлаат маските и ракавиците на адекватен начин. Исто така важно е да се избегнуваат пластични пакувања и да се одберат еколошки прифатливи алтернативи.






