Во Турција е откриен најголемиот подземен град во светот

Во Турција е откриен најголемиот подземен град во светот

пред 2 години

Во областа Мидјат, во провинцијата Мардин во југоисточниот дел на Турција, археолозите открија пештера што е само почеток на тунел со многу ходници, а тие водат до комплекс кој се состои од бунари за вода, силоси и места за богослужба кои датираат од 2. и 3. век пред нашата ера, објави весникот „Дејлисабах“. Се смета дека ова е најголемиот подземен град во светот.

„Прво беше изградено како скривалиште или место за бегство. Бидејќи христијанството не било официјална религија во 2. век, семејствата кои го прифатиле христијанството нашле засолниште во подземните градови за да го избегнат прогонството од властите. Веројатно подземниот град Мидјат бил еден од станбените простори изградени за оваа намена“, пишува весникот.

Слични подземни градови се откриени низ цела Турција. Кападокија, во источна Анадолија, сега централна Турција, има околу 200 антички населби издлабени во меките вулкански карпи во периодот од 7. и 8. век. Историчарите веруваат дека овие пештери населението ги користело како засолниште во регионот од странските освојувачи, а во 14. век биле користени како скривалишта за христијанските малцинства кои се криеле од окупаторските отомански сили.

Овие градови биле целосно напуштени дури во 1923 година, по завршувањето на грчко-турските војни. Тие биле повторно откриени случајно во 1963 година, кога еден човек открил скриена соба зад ѕидот во неговиот дом.

Најпознатиот подземен град во Кападокија е повеќекатниот комплекс Деринкују, изграден помеѓу 780 и 1180 година, сместен на околу 60 метри под земја. Има капацитет да смести околу 20.000 луѓе, плус добиток. Винарски визби, штали, капели и верско училиште се пронајдени меѓу тунелите што го поврзуваат Деринкују со други слични населби. Сепак, новооткриениот град Мидјат е многу поголем и може да прими помеѓу 60.000 и 70.000 луѓе.

Share
Scroll to Top