Новосадското трио „Фрајле“ на 18 јуни ќе одржат концерт на отворено пред МОБ. Наташа, Јелена и Невена велат дека им е доста од корона и карантини и дека е време е да се вратат на стариот живот.
„Доста беше од корона, карантини и слично. Време е да се вратиме на оној стариот, но добар живот, каде што никој никому забранува да пее и да се смее на глас. Искрено се радуваме на повторната средба со македонската публика“ – порачуваат девојките од Фрајле.
„Конечно, ги фрливме барските столчиња и сега стоиме и играме на настапите. Се случи тоа спонтано, на првиот концерт по короната. Без да се договориме, трите само станавме на истата песна и почнавме да играме. Како сме можеле да седиме досега, не ни е јасно“, рекоа Наташа, Невена и Јелана за „Репортер“.
Велат дека за Македонија отсекогаш ги врзувале убави спомени. Храната, прошетките во Стара чаршија и љубовта кон момчињата.
„Имав јас неколку дечковци Македонци, ама имаше еден што беше баш упорен. Го запознав на настап, нормално, каде на друго место. Има нешто што ме привлекува кај македонските мажи, топли се и тоа мене ми се допаѓа. И не се плашат од мене иако сум остра и висока“, рече Наташа.
Организаторите на овој настан – „Прагма продукција“ велат дека скопјани заслужуваат еден ваков музички подарок.
Влезниците се веќе пуштени во продажба и истите може да се купат онлајн преку продажната мрежа на „www.kupikarta.com – како и во „Југотон“ и „Розе Веро 2“.