Македонскиот претставник Васил Гарванлиев вечерва ќе пее во првото полуфинале на Евросонг во Ротердам, Холандија. Тој ќе настапи шести со песната Here I stand.
Во првото полуфинале, освен Васил, ќе пеат претставниците на уште 15 земји: Латвија, Словенија, Русија, Шведска, Австралија, Ирска, Кипар, Норвешка, Хрватска, Белгија, Израел, Романија, Азербејџан, Украина и Малта.
Евросонг годинава се одржува по 65 пат. Овојпат организаторите поставија строги правила поради пандемијата со коронавирусот. Во салата „Ахој“ ќе има само 3500 гледачи што ќе го следат настанот во живо, што е само 20 проценти од капацитетот на салата. Сите претставници на земјите учеснички на два дена се тестираат за ковид, а откажани се и сите забави, вкилучувајќи ја и церемонијата на свеченото отворање. Оваа година, наместо журка за отворањето, сите претставници со уште двајца членови од делегацијата прошетаа на тиркизниот килим.