(Галерија) Долги и миди фустани избор на женската публика за отворањето на 51. „Мајски оперски вечери“

(Галерија) Долги и миди фустани избор на женската публика за отворањето на 51. „Мајски оперски вечери“

пред 2 години

Аплауз и овации за премиерната изведба на операта „Набуко“ на отворањето на 51. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“ во Националната опера и балет.

Фестивалскиот оган во НОБ го запали маестро Томислав Шопов, пред посетителите кои беа во фоајето.

Дозираниот гламур и софистицираноста на гостите го одбележа оваа година отворањето. Долги и миди фустани претежно во црна боја беше изборот на поголемиот дел од женската публика, додека елегантен костум избор на машката.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која имаше говор пред присутната публика во фоајето, за оваа пригода одбрала црн миди фустан со црни штикли.

Уметничкиот раководител на балетот м-р Олга Панго одбрала црн долг фустан со ракави од тантела, додека диригентката Бисера Чадловска носеше долг плетен беш боја фустан.

Операта „Набуко“ од Верди во НОБ за последен пат била изведена пред шест години. Во претставата учествуваше и „Хорот на Евреите“ како и Хорот и Оркестарот на НОБ, женскиот балетски ансамбл и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Операта ја постави екипа од Италија, со режисерот Ренато Бонајуто и Тереза Гаргано како асистентка, сценографот Флавио Арбети и костимограф Артемио Кабаси. Диригираше Даниеле Аџиман од Италија.

На 12. мај ќе се прикажува балетот „Лебедово езеро“ од П. И. Чајковски, а на 17. мај ќе се прикажува операта „Кармен“ на Жорж Бизе, на 21. мај „Травијата“ од Џузепе Верди, а на 26. мај „Реквием“ од Џузепе Верди, каде што ќе свири оркестарот на Филхармонија и хорот на НОБ. На 31. мај свеченото затворање ќе биде со операта „Аида“.

Фото: Марко Угарковиќ/ Фејсбук Национална опера и балет

Share
Scroll to Top