Гласот на Бони Тајлер повторно до публиката: Објавена е последната песна што ја сними пред смртта

Гласот на Бони Тајлер повторно до публиката: Објавена е последната песна што ја сними пред смртта

пред 21 минута

Четири месеци по смртта на Бони Тајлер, публиката повторно може да го слушне нејзиниот препознатлив глас во „Love, Light and Peace“ – последната песна што пејачката ја снимила во студио. Божиќниот сингл беше објавен на 13 ноември, а неговата порака за љубовта, светлината и мирот доби посебно значење по заминувањето на музичката ѕвезда.

Пејачката, позната по светските хитови „Total Eclipse of the Heart“ и „It’s a Heartache“, почина во јули годинава на 75-годишна возраст. „Love, Light and Peace“ е првата песна објавена по нејзината смрт.

Како што соопшти нејзиниот тим, композицијата била снимена минатата зима, неколку месеци пред Тајлер да се разболи. Замислена како празнична музичка честитка, таа зборува и за блиските луѓе кои остануваат во нашите срца.

На 15 ноември беше објавено и видео со текстот на песната, преку кое обожавателите можат да ја проследат празничната порака на пејачката.

Последна соработка со стари пријатели

Зад „Love, Light and Peace“ стојат авторите Криси Хамонд и Тери Бритен, додека продукцијата ја потпишуваат Бритен и Дејвид Мекеј.

Песната ја поврза Тајлер со музичари со кои соработувала во различни периоди од кариерата. Бритен свирел гитара на нејзиниот дебитантски албум „The World Starts Tonight“ во 1977 година, а речиси пет децении подоцна учествувал во создавањето на нејзината последна студиска снимка.

Мекеј, кој исто така соработувал со пејачката, повторно бил дел од тимот задолжен за снимањето. Според официјалната страница на Тајлер, таа продолжила да работи на музика и меѓу концертните настапи.

Нејзиниот сопруг Роберт Саливан претходно рече дека верува оти Бони би сакала публиката да ги слушне песните на кои работела. Тој зборуваше за нејзината посветеност кон музиката и обожавателите и за гордоста што ја чувствува поради она што го оставила зад себе.

Кариера што траеше пет децении

Бони Тајлер, чие вистинско име беше Гејнор Хопкинс, потекнуваше од Велс. Со својот рапав и моќен глас стана една од најпрепознатливите пејачки на својата генерација.

Поширокото внимание го привлече со „Lost in France“ во 1976 година, а потоа следуваше и успехот на „It’s a Heartache“. Песната „Total Eclipse of the Heart“, објавена во 1983 година, стана нејзин заштитен знак и стигна до првото место на британската топ-листа.

Меѓу нејзините познати песни е и „Holding Out for a Hero“, која исто така остави силен белег во нејзината кариера.

Годинава Тајлер требаше да одржи европска јубилејна турнеја по повод 50 години од успехот на „Lost in France“. Нејзиниот последен настап бил во март во Лондон, а новата песна излезе во месецот во кој турнејата требаше да биде во тек.

Извор: Официјална страница на Бони Тајлер и Official Charts.

Share
Scroll to Top