Глумицата Силвија Стојановска е осудена на 3,6 години затвор за транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Нејзиниот партнер, Воислав Будисавјевиќ, доби седум години затвор. Двајцата ќе ја обжалат пресудата пред Апелациониот суд во Скопје, бидејќи сметаат дека не се виновни и дека не го сториле делото за кое ги гонеше Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. До правосилноста на пресудата, актерката Стојановска ќе биде на слобода, но ќе ѝ биде одземен пасошот и повремено треба да се јавува во суд.
Стојановска и Будисављевиќ на првото рочиште пред судот кажаа дека не се чувствуваат виновни за делата за кои се гонат од Обвинителството за гонење организиран криминал. Двајцата во воведните зборови рекоа дека не зеле учество во дрога – кокаин, и дека не учествувале во нејзино купување и продавање во количина од близу 700 килограми, како што стои во обвинението.
Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Актерката, нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ и неговиот брат, се дел од организирана криминална мрежа која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот океан во Шпанија, го сокриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба. При првото притворање, на прашање дали тргувала со дрога, актерката пред новинарите рече: „Боже, Боже“.
„Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа“, информираше Обвинителството.
Обвинетите меѓусебно комуницирале со користење „енкрочат“ телефонски мобилни уреди, како и „енкрочат“ мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.
Двајцата беа приведени на крајот на декември 2019 година. Стојановска беше неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор. На акцијата, координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД, ДЕА.