Полицијата започна истрага за убиството на милионерот и познатиот инфлуснсер Фернандо Перез Алгаба (41) кој неколку дена се водеше како исчезнат. Куферот со остатоците од телото го пронашле деца изминатиот викенд додека си играле покрај поток во местото Ингениеро Баја, во Буенос Аирес.
Родителите ја известиле полицијата која го прегледала куферот и наводно внатре ги пронашле нозете и подлактицата на жртвата, а во потокот нашле уште една цела рака. Три дена подоцна, биле најдени и главата и торзото, објави „Ел Паис“.
Делови од телото се целосно ампутирани, што укажува на работата на професионалци, објавија локалните медиуми. Во меѓувреме, обдукцијата откри дека жртвата била застрелана три пати пред да биде распарчена. Полицијата ја идентификувала Алгаба по отпечатоците од прстите.
Исто така биле видливи и неговите препознатливи тетоважи на делови од телото. Бизнисменот бил прогласен за исчезнат од минатиот вторник. Имаше милиони со изнајмување на луксузни возила и продавање криптовалути, кои често ги рекламираше на своите 900.000 следбеници на „Инстаграм“.
Се вели дека живеел во Барселона, а бил во Аргентина една недела пред неговото убиство. Алгаба наводно изнајмил станот и требало да ги врати клучевите на 19 јули, но не се појавил и не се јавувал на телефон. Полицијата уапси осомничен, но мотивот засега останува нејасен.
Властите се сомневаат дека инфлуенсерот е убиен поради неговите бројни долгови.
Меѓу пријателите е познат како Лечуга, храна која почнал да ја доставува на 14 години. Потоа почнал да купува оштетени автомобили кои ги поправал и продавал. Почнал како млад претприемач, а на 24-години веќе поседувал голем магацин полн со автомобили и мотоцикли од висока класа.
Основал компанија за изнајмување на луксузни автомобили и џет ски во Мајами. Во текот на неговите последни години, бил вклучен во трговија со криптовалути од канцеларија во Буенос Аирес со над 25 вработени. Имал акумулирано ненаплатливи долгови со даночната агенција на Аргентина, пишува „Њујорк пост“.
Оставил порака на својот телефон во која тврди дека изгубил многу пари инвестирајќи во криптовалути. Но, покрај парите имал проблеми и со познатата насилна банда „Бара Бравас“, која наводно барала да им плати заем од 40.000 долари.
„Ако нешто ми се случи, сите се веќе предупредени“, напишал тој во пораката.
Брат му Родолфо Перез Алгаба, рече дека не е сигурен дали бил вмешан во криминален синџир, но инсистирал на тоа дека не е измамник, како што многумина тврдат.
Рече дека Алгаба бил едноставен продавач на автомобили кој не се снашол добро во бизнисот со Биткоини. Се надева дека властите можат да го фатат убиецот на неговиот брат.
„Три дена сум овде и едвај спијам, размислувам, си ја кршам главата, како можеше да се случи ова. Но, нема да седам мирен, нема да ја делам правдата со свои раце, туку се надевам дека правдата ќе биде задоволена“, рече Перез.