Освен Новак Ѓоковиќ, од Австралија депортирана беше и чешката тенисерка Рената Ворачова заради истата причина. Не примила вакцина против корона.
Иако властите на почетокот ѝ дозволија да учествува, Рената беше депортирана по само една недела престој на турнирот. Таа рече дека се чувствувала како криминалец кога пред да замине била подложна на испрашување од властите и приндена да се соблече.
Прво Ворачова кажа дека не доживеала многу непријатности, но сега рече дека не било баш така.
„Малку се чувствував како криминалец, иако немаше причина за такво нешто. Но, бев загрижена. Не се чувствував безбедно додека не стигнав дома, сè беше неизвесно. Како на филм, долго испрашување со инструкции од типот ‘соблечи се, облечи се’. Уф, не сакам ни да размислувам за тоа, а камоли повторно да го доживеам“, рече Ворачова.
Нејзиниот случај е ист како и оној со Ѓоковиќ и таа рече дека можеби властите ќе и дозволеле да остане, ако и Ѓоковиќ останеше.
„Ги испратив сите документи. Тие ги одобрија. Да знаев дека има 1 отсто шанса нешто да не е во ред, немаше ни да патувам“, рече Чехинката во интервју за руската Би-би-си њуз.
Ворачова играше само еден натпревар на турнирот во Мелбурн, пред властите да го сменат мислењето и да ѝ забранат да игра и да ја протераат од земјата.
ВТА застана на страната на тенисерката и потврди дека таа не направила ништо лошо, туку само ги следела упатствата и добила дозвола за влез во земјата. Во исто време, ВТА, сепак, смета дека сите треба да се вакцинираат и ја поддржува австралиската имиграциска политика.