Дејвид беше мил, смешен господин што сакаше обичен живот: Иман за љубовта со Боуви пет години по неговата смрт

Дејвид беше мил, смешен господин што сакаше обичен живот: Иман за љубовта со Боуви пет години по неговата смрт

пред 3 години

Сомалиската манекенка Иман 24 години беше во брак со еден од најголемите музичари во 20 век, Дејвид Боуви. Пет години по неговата смрт, таа прозборе за нивната љубов во интервју за списанието „Харперс базар“. Иман зборува за тагата што не ја напушта откако тој починал, па вели дека е често осамена, но и дека љубовта со Дејвид е една од оние љубови што никогаш не се повторуваат.

„Дејвид беше мојот живот, мојата вистинска љубов. Не проаѓа ден, а да не помислам на него. Тој е во нашите срца и умови засекогаш. Ќерка ми еднаш ме праша дали некогаш повторно ќе се омажам, а јас ѝ реков: Никогаш“, вели некогашната манекенка.

Дејвид и Иман беа во брак од 1992 година до 2016 година, кога тој почина од рак на црниот дроб.

„На денот кога почина, отидов да пешачам, морав да бидам малку сама. Пред мене прелета сина птица. Замислете, од сите можни птици, пред мене прелета сина птица“, се сеќава Иман.

И покрај популарноста и успехот што го имале двајцата, Иман вели дека нивната врска не можела да биде понормална.

„Тоа беше навистина секојдневен брак. Тој беше многу смешен, топол господин. Знаете, сите зборуваат за тоа дека беше футуристички тип, но не, тој не беше. Тој повеќе од сè сакаше да облече костум во три дела. Тоа беше убав, обичен живот и тоа беше најубавото нешто поврзано со нас. Можевме да живееме во Њујорк, да ја земеме ќерката од училиште, да шетаме насекаде. Знаете, би сакала да имавме повеќе години заедно“, вели во интервјуто.

„Дејвид ми ги даде највозбудливите, најтрогателните и најлудно саканите 24 години. Сепак, тоа не беше доволно – шокантно кратко. И иако никогаш нема да се навикнам на тоа дека го загубив, Дејвид секогаш ќе биде пред моите очи“.

Share
Scroll to Top