Младата креаторка Данче Лазарова (20) од Струмица, ја промовира својата прва колекција венчаници, наречена „Бисерна снежност“. Колекцијата има пет фустани, изработени од свила и сатен.
„Белината секогаш ме асоцира на убавина, мир, спокој и позитива. Така и ми дојде инспирацијата да креирам венчаници, бели фустани кои ќе се излеваат со блескава свила и бисери, а секоја дама што ќе ги носи, ќе се чувствува отмено и елегантно“, вели Данче за „Репортер“.
Лазарова креира облека веќе неколку години. Таа лани имаше изложба на модни креации во Домот на културата во Струмица. Меѓу оние за коишто дизајнира е и моделот и мис, Кристина Димитријовска, која носеше облека од модната дизајнерка на неколку јавни настани, а и во спотот за нејзината претпоследна песна.