Латино-ѕвездата Енрике Иглесијас откри дека неговиот најнов албум Final ќе биде последен во неговата кариера. Пејачот во разговор на Инстаграм со Рики Мартин и Себастијан Јатра, рече дека албумот ќе има два дела, а тоа што нема да снима албуми не значи дека ќе се откаже од музиката.
„Ова најверојатно е мојот последен албум. Ќе има ’Том 1‘ и ’Том 2‘, но тие се конечни. Ова не е нешто за што размислував последниве неколку месеци, туку последниве неколку години. Јас сум во овој момент од мојот живот во онаа фаза кога мислам дека е вистинско време да се повлечам. За ова размислувам од 2015 година, не е идеја од сега“, рече Енрике.
Претходно, тој призна дека турнејата му паднала тешко и дека чувствува физички болки на турнеите и настапите.
„Првите две недели од последната турнеја ми беа тешки затоа што ги чувствував во коските, во зглобовите, тоа е она ‘леле што ми е’. Но, докторот ми вели дека сум луд затоа што никогаш не се растегнувам пред концерт. Отсекогаш сум бил доста атлетско дете, иако знаев дека ќе дојде ден кога нема да биде исто“, рече Иглесијас и додаде дека нема да престане да прави музика.
„Никогаш нема да престанам да пишувам песни затоа што сакам да пишувам песни, но ќе го правам тоа поинаку – што значи дека не мора да бидат спакувани како албум. Затоа овој проект е важен за мене“, вели Игласијас, кој наскоро ќе има куса турнеја со Рики Мартин во Америка.