Македонскиот пејач со неговиот бенд направија реплика од најголемиот рок ен рол бенд во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, „Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“.
Тие се потрудија што повеќе да личат на оригиналните членови. И во изгледот со помош на шминката, периките, разните маски и облекувањето, но секако и во однесувањето на сцената, тие велат дека го копираат секое нивно движење, гест, изговорен збор.
„Групата постои околу 2 години, но поради пандемијата немавме услови за јавно да настапуваме. Во тој период снимивме 7 спотови од познатите песни на легендарниот бенд. Идејата беше на Стевче Грозданов и тој беше иницијатор на целиот овој проект. Јас веднаш прифатив затоа што сум еден од најголемите фанови на ‘Бијело дугме“. Го пеам и изведувам Жељко Бебек оригинал. Почнавме како двојка, а на крајот пораснеме во бенд. Има бендови кои работат и копираат големи бендови слични како ‘Бијело дугме’, но како нас и начинот на кој го правиме ние ова нема. Ги пееме песните како од плоча. Плус ја потсетуваме публиката и со нивниот стајлинг за да потсетиме на тие години“, ни рече Цеки.
Македонската верзија на бендот насловена „Бело копче – Tribute Bijelo Dugme“ покрај пејачот Зоран Рудан – Цеки (како Жељко Бебек), ја сочинуваат и гитаристот Стевче Грозданов (како Горан Бреговиќ), басистот Горан Гешовски (како Зоран Реџиќ), тапанарот Сашо Стојановски (како Горан Ипе Ивандиќ), клавијатуристите Борислав Драганов – Боби (како Лаза Ристовски), Давор Јордановски и Мирослав Милковски (како Владо Правдиќ), како и придружните вокали Билјана Ѓошева и Боба Танева (како Амила Сулејмановиќ и Зумрета Миџиќ – Зу).
„Кад би био бијело дугме“, „Тако ти је мала моја кад љуби Босанац“, „Да сам пекар“, „Сањао сам ноќас да те немам“, „Лажеш злато, лажеш душо“, „Ружица си била“ и „Ево, заклет чу се“, се само дел од песните кои најмногу ги изведуваат.
Цеки со неговиот бенд им го врати сеќавањето на најжешките фанови и им ги освежија емоциите потсетувајќи на оригиналната група која „растураше“ со концерти низ цела Југославија, па и пошироко. Тие се надеваат дека еден ден ќе можат да одржат и концерт. Планот им е да ја освојат не само публиката во Македонија туку и пошироко.
„’Бијело дугме’ е група која многу ја обожаваат не само во Македонија туку и во Бугарија и Грција, па се надеваме дека еден ден ќе можеме да настапуваме и таму“, ни рече Цеки.
Откако повеќе не постојат или стануваат сè понедостижни да се видат собрани заедно во нивните оригинални постави, стана пракса легендарните светски бендови, но и оние од некогашните југословенски простори да добиваат свои реплики. Или копии верни на оригиналот.
Љубиша Владимиров