Познатата катедрала Саграда фамилија во Барселона нема да биде готова до 2026 година поради пандемијата, потврди одборот кој управува со недовршената базилика на Антони Гауди.
Базиликата, која беше затворена од лани во октомври до 29 мај годинава, сега е повторно отворена за посетителите. Управителите на катедралата се надеваат дека сега повторно ќе се обнови главниот извор на приходи, оти изградбата на катедралата се финансира главно од туристички такси. Поради затвореноста и градежните работи беа запрени девет месеци.
„Предвидувавме дека работите ќе завршат во 2026 година. За жал, тоа нема да биде можно. Тоа би можело да биде во 2030, 2035, 2040 година. Би лажел ако кажам прецизен датум“, вели генералниот директор на Саграда фамилија, Хавиер Мартинес.
Гауди работел на модернистичката структура од 1889 до неговата смрт во 1926 и изградбата во неколку наврати била стопирана на подолго време. До декември оваа година треба да се доврши една од 18-те кули, висока 138 метри.
Во 2019 година, кога базиликата ја посетиле 4,5 милиони луѓе, во нејзината изградба биле вложени 60 милиони евра. Лани биле собрани само 15% од овие приходи.