Исхрана базирана на малку јаглехидрати може да го намали очекуваниот животен век за четири години, покажа едно истражување. Овие диети, од кои најпозната е Аткинсова, станаа многу популарни меѓу оние кои сакаат да ослабнат и покажаа добри резултати. Но, споерд американска студија која се спроведуваше во последните 30 години се покажа дека умерено консумирање јаглехидрати или замена на месо со растителни протеини и масти е поздраво.
Студијата опфати 15.400 луѓе кои пополнувале прашалник со податоци што јадат и пијат, заедно со количините. Научниците потоа проценувале колку калории добивале од јаглехидрати, масти и протеини. Според нив оние кои добиваат 50-55% од својата енергија од јаглехидрати се изложени на значително помал ризик од смрт.
Јаглехидрати вклучуваат зеленчук, овошје и шеќер, но главен извор е храната како компир, леб, ориз, макарони и житарки.
Истражувачите утврдиле дека луѓето со 50 и повеќе години кои нормално консумираат јаглехидрати се очекува да живеат уште 33 години, што е четири години повеќе од оние кои добиваат само 30% енергија од јаглехидрати. Нивните заклучоци се совпаѓаат со претходните студии, кои вклучија 40.000 луѓе од 20 земји.