На 19 септември на телевизија Телма ќе почне да се прикажува хуманитарната емисија „Проект куќа со Кристина“. Пејачката и основач на здружението „Проект среќа“, Кристина Арнаудова, е автор, продуцент и водител на емисијата. Таа повеќе од една година, со донации, помага да се реновираат домовите на социјално загрозени семејства од Македонија.
„Овој проект почна да се работи лани во февруари, но пандемијата нè спречи да ја продолжиме реализацијата на проектот. Идејата е на семејствата во социјален ризик, со деца кои живеат во тешки услови, комплетно да им се реновираат домовите и да се создадат услови барем за достоинствен живот“, вели Кристина.
Таа додава дека разликата помеѓу овој проект и останатите од овој тип е што „Проект куќа“ нема спонзори кои редовно донираат за секој дом ниту стабилен буџет наменет за изградба, туку за секое следно уредување се бараат нови донатори, нови мајстори, се прават апели за донирање.
„Пораката на проектот која треба да допре до што повеќе сограѓани е дека заедно можеме да направиме многу ако сакаме,“ вели таа.
Првата сезона „Проект куќа со Кристина“ има 16 епизоди, а секоја епизода ќе го прикажува процесот на реконструкција на домот на кој ќе се работи во целост, но и сè што се случува во текот на работењето.
„Целиот процес на работа и собирањето донации беше многу отежнат поради актуелната ситуација, огромниот пораст на цените на градежните материјали, и недостатокот на мајстори, а сето тоа како последица од ковид кризата. Во моментов сè уште се работи на собирање донации за реконструирање на домови или изградба на нови, така што секоја компанија, секое физичко лице или организација е добредојдена да ни се придружи и да го поддржи проектот“, вели Кристина.