Откако францускиот парламент вчера го изгласа законот за ковид пропусници, Министерството за спорт соопшти дека од законот нема да има исклучоци за никого, па Новак Ѓоковиќ би можел да добие забрана за учество и на Ролан Гарос. Според новиот француски закон, граѓаните ќе мора да покажат доказ за вакцинирање при влез во јавни места, како ресторани, кафулиња, киносали и возови на долги релации.
„Правилото е едноставно: ковид-пропусницата веднаш ќе се воведе на сите места на кои досега се бараше здравствената пропусница. Ова ќе се однесува на сите, и на гледачи и на професионални спортисти. Што се однесува до Ролан Гарос, тој е во мај. Ситуацијата можеби ќе се промени дотогаш, се надеваме на подобро. Сепак, исклучоци нема да има“, кажаа од министерството.
Претседателот на Тениската федерација на Франција, Жил Моретон, за медиумите изјави дека на Ролан Гарос нема да важат дозволите за медицинско изземање од вакцинирањето.
За потсетување, српскиот тенисер кој не е вакциниран, вчера беше депортиран од Австралија откако ја загуби судската битка за влез во земјата и не учествува на Австралија опен, првиот гренд слем турнир во годината. Освен што не е вакциниран против Ковид-19, Ѓоковиќ призна дека ги прекршил правилата за изолација откако имал позитивен тест во декември и дека дал лажна изјава дека не патувал 14 дена пред доаѓањето во Мелбурн.